Зборовите од насловот ги напиша мојот татко, сеќавајќи се на текстот од нашите покани за свадба.
Додека го „вртам филмот“ од нашата венчавка, ми се враќа една мисла: тој мајски ден ја славевме не само нашата љубов, туку и љубовта, почитта и приврзаноста кон нашите семејства.
Сигурно сте прочитале десетина совети дека венчавката е само ваш ден и дека сите одлуки треба да ги носите сами. Често ќе наидете и на саркастични наслови од типот „како во 5 чекори да се одбраниш од свекрвата“. Факт е, драги наши младенци, дека токму вие ќе го изодите патот од веридба до свадба. Но, нема сомнеж дека тоа патување е едно од најважните — и најрадосните — доживувања и за вашите семејства и најблиски.
Замислете го моментот кога мајката гордо поаѓа со ќерката во потрага по венчаница, а потоа кафето што долго ќе го пијат заедно. Замислете како мајката ќе им прераскажува на своите пријателки дека ја нашле „вистинската“ венчаница — како шиена за неа. Или чувството на таткото кога ќе ја види својата мезимица како се подготвува да појде пред олтарот — а до вчера ја носел на училиште. Како преку ноќ да пораснала.
Замислете го и таткото на младоженецот: му помага на синот да ја врзе краватата, здравица во машката соба и онаа машка прегратка за поддршка — блага, а сепак доволно силна да ја каже љубовта, гордоста и среќата што неговиот син станува маж. Ја гледате ли среќата во очите на неговата мајка? Заборавете на стереотипите „свекрва–снаа“ и почитувајте ја. Во голема мера и таа е заслужна што се заљубивте во нејзиниот син.
Ете, тоа е семејство. Затоа, заедно со вас, славиме и ние.
Доколку ви се допадна нашето видување на свадбениот ден, споделете — нека прочитаат и други. Ви благодариме.
Ве сака, вашата „Во Бело“.