донатела

 

Донатела Версаче се враќа: На 71 година започнува нов моден бренд – без Versace

Кога Донатела Версаче во 2025 година се повлече од позицијата креативен директор на Versace, по речиси три децении на чело на модната куќа, многумина помислија дека започнува потивко поглавје во нејзината кариера.

Очигледно – не ја познавале доволно добро.

Само година и пол подоцна, една од најпрепознатливите жени во светската мода повторно седнува на креативното возачко седиште, но овојпат приказната нема да се вика Versace.

Vogue ексклузивно објави дека Донатела започнува сосема нов, независен моден и beauty проект во партнерство со американската Revolve Group. Новиот бренд треба да биде изграден околу нејзината лична креативна визија и начинот на кој новата генерација ја открива модата, купува, комуницира и создава култура.

Versace остана зад неа – но Донатела очигледно не завршила со модата

Донатела ја презеде креативната насока на Versace по смртта на нејзиниот брат Џани Версаче во 1997 година и остана на позицијата речиси 30 години. Во март 2025 се повлече од функцијата chief creative officer и стана амбасадор на брендот. Во меѓувреме, модната куќа беше преземена од Prada Group.

Но новиот проект е нешто сосема друго.

Не станува збор за „нова линија на Versace“, ниту за продолжение на семејната куќа, туку за независен бренд што треба да го носи исклучиво личниот печат на Донатела.

„Сакаме да создадеме нов глас, нов изглед и нова енергија“, порача Донатела за партнерството со Revolve.

Мода и beauty – заедно

Најинтересно е што новиот проект нема да остане само во рамките на облеката.

Планот опфаќа мода и beauty, а амбицијата е брендот да функционира многу пошироко од класичните ревии. Vogue наведува дека проектот ќе вклучува и entertainment содржини и ќе биде насочен кон генерацијата што денес ги открива трендовите преку музика, филм, уметност и социјални мрежи.

Партнерот Revolve Group има огромно искуство токму со оваа публика. Компанијата располага со околу 1.600 брендови преку платформите Revolve и Fwrd, а во 2025 година пријавила приходи од 1,23 милијарди долари.

Името засега е тајна

А сега најинтересниот дел.

Новиот бренд сè уште нема јавно објавено име.

Првите производи се очекуваат во 2027 година, кога треба да биде откриено и официјалното име. Брендот првично ќе се пласира во САД, Латинска Америка, Азија-Пацифик и Блискиот Исток.

Со оглед на тоа што зборуваме за Донатела Версаче, тешко е да се очекува нешто дискретно.

Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.

На 71 година – нов почеток

Можеби токму тоа е најинтересниот дел од приказната.

Донатела денес има 71 година, повеќе од 12 милиони следбеници на Instagram и сè уште е едно од најпрепознатливите лица на модната индустрија. Во 2026 повторно гледаме и силно враќање на архивските Versace креации на црвениот тепих – ги носат Зендаја, Мајли Сајрус, Џенифер Лопез и други ѕвезди.

И токму во момент кога нејзиното модно наследство повторно е во центарот на вниманието, Донатела решава наместо да живее од минатото – да започне нешто ново.

Не како сестрата на Џани.
Не како жената зад Versace.
Туку како Донатела.

А ако некој знае како да го претвори гламурот во глобална поп-култура, тогаш веројатно е токму таа.

 

About The Author