madona

Мадона ги отвори вратите од својот дом во Лондон: Фрида Кало на ѕид, семејни реликвии и детали што никој не ги очекуваше

Кога некој како Мадона ќе ги отвори вратите од својот дом, тешко е да очекувате класичен celebrity house tour со беспрекорно наредени перничиња и вазни избрани од интерьер дизајнер.

Кај неа секој предмет има приказна.

Во видеото од серијалот Objects of Affection на Vogue, снимено во нејзиниот дом во Лондон, кралицата на попот ги покажа предметите што имаат најголемо лично значење за неа – од уметнички дела и семејни спомени, до неочекувани и прилично провокативни детали. Турнејата првично беше објавена на 29 јуни, а деновиве повторно кружи низ медиумите.

Фрида Кало – сон уште од времето кога немала ништо

Едно од највредните и најлични парчиња што Мадона ги покажува е автопортрет на Фрида Кало.

Таа раскажува дека уште кога како млада пристигнала во Њујорк и немала ниту приближно живот каков што има денес, сонувала еден ден да поседува дело од мексиканската уметница. Денес токму тоа дело стои во нејзиниот дом.

Нејзината фасцинација со Кало, инаку, не е нова. Vogue уште во 2005 година пишувал дека во нејзиниот тогашен лондонски дом имала повеќе дела од Фрида Кало, меѓу кои и Self-Portrait with Monkey и My Birth.

Но највредните работи не се секогаш најскапите

Можеби најинтересниот дел од домот не е уметноста со огромна финансиска вредност, туку предметите поврзани со нејзиното семејство.

Мадона покажува дрвена бројаница што ѝ припаѓала на нејзината мајка, скулптура изработена од нејзиниот син, рачно плетено ќебе од нејзината ќерка и плишан октопод со посебно емотивно значење.

И токму тука турнејата станува многу повеќе од поглед во богат дом.

Зад светската ѕвезда што со децении диктира музика, мода и поп-култура, се гледа жена која чува предмети затоа што ја поврзуваат со луѓе и моменти.

Нејзината омилена соба? Бањата

Да, добро прочитавте.

Мадона признава дека еден од омилените простори во куќата е бањата, која самата ја нарекува и своја „канцеларија“, затоа што таму најмалку ја вознемируваат.

Но, се разбира, ни бањата кај Мадона не може да биде обична.

И таму има уметност.

Меѓу делата кои ги покажува се и неколку провокативни скулптури од уметникот Anderson Asteclines, кои таа со типичен хумор ги претставува како една од своите омилени колекции.

Ако некој очекувал беж мермер и миризливи свеќи – ова сепак е Мадона.

Дом што повеќе личи на личен музеј

Она што најмногу остава впечаток е дека нејзиниот дом не изгледа како простор дизајниран само за да биде фотографиран.

Во него има дела од големи уметници, но и детски изработки. Има религиозни предмети, модни парчиња, спомени и нешта кои очигледно ги чува поради нивната емоционална, а не пазарна вредност.

Во видеото се појавуваат и предмети како Saint Laurent чизми и музичка кутија која ја свири „Bella Ciao“, уште еден доказ дека вкусот на Мадона се движи некаде меѓу висока уметност, мода, поп-култура и лични спомени.

А зошто баш Лондон?

Мадона во интервјуто за Vogue Italia објасни дека повторно се преселила во Лондон додека работела со продуцентот Stuart Price на Confessions II. Таа ја опиша преселбата како знак дека сака целосно да му се посвети на новиот музички проект.

Па така денес, зад затворените врати на нејзиниот лондонски дом, не се наоѓа само богатство.

Се наоѓаат 40 години поп-култура, семејна историја, уметност, мода и доволно необични детали за никогаш да не заборавиме чија куќа гледаме.

Мадона можеби има предмети вредни огромни суми, но од целата турнеја останува еден многу поедноставен впечаток:

најважните работи во нејзиниот дом се оние што имаат приказна.

 

 

About The Author