м ајли

Ќе се омажи ли Мајли Сајрус пред 34. роденден? ТМЗ најавува свадба со Макс Морандо викендов

Во понеделник, на 23 ноември, Мајли Сајрус полни 34 години. Ако се точни информациите на ТМЗ, роденденот ќе го прослави како сопруга на музичарот Макс Морандо. Американскиот портал на 19 ноември објави дека двојката планира да се венча викендов во јужна Калифорнија, повикувајќи се на неименувани извори запознаени со плановите.

До 20 ноември Мајли и Макс јавно не го потврдија датумот. „Пејџ сикс“, кој ја пренесе веста на ТМЗ, објави дека побарал коментар од нивните претставници, но до објавувањето на текстот не добил одговор.

Зошто Макс го чувал прстенот до последниот ден во Кјото

Мајли и Макс, тапанар на рок-групата Liily, се запознале во 2021 година на средба што им ја договориле познаници. Мајли подоцна се пошегува во интервју за британскиот „Вог“ дека средбата била „на слепо“ главно за неа. Макс добро знаел со кого ќе излезе.

Четири години подоцна, на патување во Јапонија, тој конечно успеал да ја изненади. Во интервју за „Вондерленд“, Макс раскажа дека намерно го чекал последниот ден во Кјото. Претходно разговарале за брак и насетувал дека Мајли очекува да ја запроси. Додека шетале околу хотелот, стигнале до мала градина до која водела тесна штица. Мајли се двоумела дали да премине поради знакот за забранет премин. Кога сепак влегле, почнала да ја снима градината. Додека била свртена со грб, Макс клекнал и ја потчукнал по рамото.

На 1 декември 2025 година прстенот јасно се виде на премиерата на „Avatar: Fire and Ash“ во Лос Анџелес. Додека им позираа на фотографите, Мајли ја стави левата рака на градите на Макс. На фотографиите се гледа и детаљот што го издвојува прстенот на дизајнерката Jacquie Aiche. Дијамантот со заоблени агли е поставен попречно на широк обрач од 14-каратно жолто злато.

Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.

Мајли ја пееше „Let’s Get Married“, а Макс ја придружуваше на тапани

Во септември Мајли го објави спотот за „Let’s Get Married“, снимен во хотелот „Шато Мармон“ во Лос Анџелес. Пред камерата на режисерот Мерт Алас, заедно со неа се појавува и Макс. Еден месец подоцна, на 16 октомври, двајцата излегоа под рака на сцената на „Холивуд боул“. Таа застана пред микрофонот, тој седна на тапаните. За бис, Мајли ги избра токму „Let’s Get Married“ и, веднаш по неа, „Flowers“.

Погледнете го официјалниот видеоспот за „Let’s Get Married“.

About The Author