Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и големите соништа

Од првото дефиле на Fashion Week Sofia, до модните писти во Италија, bridal ревии во Пуља, ангажмани за италијански модни ателјеа и работа во медиуми – приказната на Анѓела Јакимовска е пример како една девојка од Македонија може чекор по чекор да си создаде место во многу поголем и поконкурентен свет.

Денес таа живее и работи во Италија, земја во која модата не е само индустрија, туку дел од културата. Таму Анѓела ја гради својата кариера на две сцени – како модел и како новинарка, а искуството ѝ овозможува модата да ја гледа и од пред камерата и од другата страна на приказната.

Дефилирала за италијански bridal брендови, настапувала на ревии во Пуља и Матера, била дел од медиумски ангажман за време на Фестивалот Санремо, а денес пишува и за италијанското Industria Felix Magazine. И покрај животот во Италија, Македонија останува силно присутна во нејзината приказна – не само како дом, туку и како модна сцена за која верува дека има потенцијал да се претстави многу посилно во Европа.

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот
Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Особено интересно е што Анѓела не ја гледа Италија како доказ дека „таму сè е подобро“. Напротив, таа зборува за разликите во организацијата и големината на индустријата, но истовремено нагласува дека македонските дизајнери имаат талент и квалитет што заслужуваат поголема меѓународна видливост.

Дури предлага нешто што вреди да се слушне – создавање мост меѓу Македонија и Италија и претставување на македонските bridal креации пред италијанската публика.

Во интервју за „Во Бело“, Анѓела искрено зборува за тоа како изгледа модниот свет во Италија, што значи да се биде професионален модел, колку контактите навистина помагаат, зошто дисциплината е поважна од убавината, каква е италијанската bridal сцена, што ѝ недостига од Македонија и зошто успехот, без разлика каде ќе нè однесе, нема голема вредност ако по пат го изгубиме сопствениот идентитет.

Анѓела Јакимовска за „Во Бело“ „Најважно е секогаш да успееме да го зачуваме сопствениот идентитет“

Како започна твојата приказна во светот на модата и кога сфати дека тоа може да стане твоја професија?

Мојата приказна во модата започна за време на Модната недела во Софија во 2018 година. Тоа беше многу важно искуство за мене, и затоа што бев првата Македонка, до тој момент, која настапила на оваа манифестација.

Како се појави можноста да работиш и да градиш кариера во Италија?

Мојот партнер е Италијанец, па најпрво се преселив во Италија од лични причини, а потоа тука го продолжив и мојот професионален развој.

Колку е различен светот на модата во Италија во споредба со Македонија?

Станува збор за две различни земји, со различни традиции и културни влијанија, па природно е да постојат разлики. Според моето искуство, модната индустрија во Италија е поорганизирана и построга кога станува збор за работата на моделите.

Италија има долга традиција во овој сектор и силно меѓународно влијание, што се забележува и во начинот на кој се претставуваат модните ревии. Би ги опишала како префинети, но во исто време и екстравагантни, со смели комбинации и многу изразен креативен пристап.

Сепак, сметам дека и Македонија има квалитетни модни дизајнери кои можат успешно да ја претстават својата работа на европската и меѓународната сцена. Според мене, разликата не е толку во талентот, колку во големината на индустријата, нејзината структура и можностите што ги нудат двата пазари.

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот
Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Каков е односот меѓу моделите во Италија? Што најмногу те импресионираше кога почна да работиш таму?

Една од работите што најмногу ме импресионираше е колегијалноста помеѓу моделите. Постои добра соработка и девојките често се препорачуваат за одредени ангажмани во секторот.

Кога почнав да работам во Италија, веќе имав одредени познавања за тоа како функционира оваа средина, па не би рекла дека имало нешто што особено ме изненади.

Сепак, импресивно е да се види колку сериозно се организираат модните ревии. Дизајнерите пристигнуваат со големи тимови професионалци, од кои секој има јасно дефинирана улога во реализацијата на настанот. Тоа овозможува целиот процес да биде совршено координиран и да се обрне внимание на секој поединечен детаљ.

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот
Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Која е најважната работа за една девојка што сака да успее како модел во Италија: изгледот, дисциплината, контактите или нешто друго?

Мислам дека физичкиот изглед е само почетната точка. На долг рок, она што навистина ја прави разликата се професионалноста, дисциплината и односот кон работата.

Контактите секако имаат значајна улога во овој сектор, но сами по себе не се доволни. Најважно е зад секој контакт да стојат добар впечаток и професионална работа, бидејќи токму така се градат долгорочни соработки.

Имаш дефилирано за италијанскиот Mondo Sposi Atelier. Како започна оваа соработка?

Оваа година бев ангажирана како новинарка и водителка, заедно со една телевизија од Пуља, за време на Фестивалот во Санремо, каде што мојата задача беше да ѝ раскажам на публиката како странците го доживуваат и восприемаат овој фестивал.

Токму благодарение на ова искуство, подоцна бев препорачана за неколку модни ревии, меѓу кои и онаа на Mondo Sposi.

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот
Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Раскажи ни нешто повеќе за модната ревија во Пуља: какви беа атмосферата, организацијата и креациите што ги носеше?

Модната ревија во Пуља ми остави силен впечаток, особено поради начинот на кој модата беше вметната и раскажана во контекстот на самиот регион.

Атмосферата беше професионална, но не и студена: зад сцената имаше многу енергија, а истовремено јасно се чувствуваше желбата секоја колекција да добие сопствен, прецизно дефиниран идентитет.

Организацијата беше на високо ниво, особено кога станува збор за управувањето со бекстејџот: пробите, пресоблекувањата, редоследот на излегувањата и координацијата со тимот.

Носев креации од bridal сегментот, но и позимски, покежуал комбинации. Тоа ѝ даде на ревијата поширок и поразновиден карактер. За мене, како модел, оваа разновидност е секогаш многу интересна, бидејќи бара способност за адаптација и различен пристап во начинот на кој се претставува секоја поединечна креација.

Модните ревии во Пуља имаат посебен шарм затоа што ја спојуваат современата креативност со убавината на историјата. Да се дефилира пред симболични историски места, како замокот во Барлета, го претвора секој настан во спектакл кој истовремено ги истакнува модата, културата и територијата.

Колку се различни италијанските bridal креации од оние што ги гледаме во Македонија?

Италијанските bridal креации генерално посветуваат големо внимание на силуетата, материјалите и деталите. Од она што досега сум можела да го забележам на модните ревии, тантелата често има главна улога.

Во Македонија почесто се среќава поголема потреба за раскош и сценски ефект, додека во Италија забележувам рамнотежа меѓу елеганцијата и едноставноста.

Секако, не би сакала да генерализирам, бидејќи секој дизајнер има сопствен идентитет и сопствен креативен потпис.

Потоа, постои уште еден аспект што нашите македонски компании не треба да го потценуваат. Македонија, во споредба со Италија, има една конкурентска предност: цената на bridal креациите.

Не би било лоша идеја да се создаде мост помеѓу овие две земји, можеби преку организирање ревии во Италија со македонски креации.

Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот
Од Македонија до италијанските модни писти: Анѓела Јакимовска гради кариера меѓу модата, медиумите и успехот

Имаш ли омилен дизајнер, модна куќа или креација меѓу оние што си ги носела досега?

Ако зборуваме за италијански bridal дизајнери, покрај Mondo Sposi Atelier, особено ми се допаднаа креациите на Enzo Miccio, кои ги носев оваа година за време на една ревија во Матера.

Колекцијата издоминира со многу префинета естетика и силно сценско присуство, со внимателно избалансирани детали кои придонесуваа за создавање исклучително софистициран изглед.

Од македонските bridal дизајнери, пак, сигурно би го избрала Атеље Жана. Секогаш ми е особено драго кога имам можност да носам креации од македонски дизајнери, бидејќи сметам дека и нашата модна сцена има што да понуди на интернационално ниво.

Ангела во креација на Жана Атеље
Ангела во креација на Жана Атеље

Италија е синоним за мода и стил. Дали животот таму го промени и твојот личен стил?

Да, секако. Италијанската култура и естетика влијаеја врз мојот личен стил. Со текот на времето почнав повеќе да преферирам природен изглед, особено кога станува збор за шминката, во комбинација со едноставни, но впечатливи модни избори.

Животот во Италија ми овозможи да откријам автентични парчиња и да експериментирам со нив според мојот личен начин на толкување на модата. Би рекла дека мојот стил е пософистициран и подобро дефиниран, но истовремено останува верен на мојата личност.

Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.

Кој е најтешкиот, а кој најубавиот дел од животот на една манекенка далеку од дома?

Најтешкиот дел е секако оддалеченоста од луѓето што ми се најблиски, но и фактот што секојдневно комуницирам на италијански јазик – ми недостига да зборувам на мојот мајчин јазик.

Сепак, Италија е релативно блиску до Македонија и тоа ми овозможува полесно да ги одржувам односите со семејството и пријателите.

Најубавиот дел, пак, е можноста професионално да напредувам. Покрај работата како модел, работам и како новинарка во италијанското списание Industria Felix Magazine, каде што уредувам рубрики посветени на модата и патувањата.

Мојот прв новинарски текст, меѓу другото, беше посветен токму на Македонија.

Ангела како водител на Сан ремо
Ангела како водител на Сан ремо

Има ли простор за љубов меѓу патувањата, модните ревии и еден толку динамичен живот? Што се случува од таа гледна точка?

Секако дека има простор за љубов. Верувам дека љубовта треба да биде присутна во сите аспекти на животот, но пред сè во односот што го имаме со самите себе.

Кога човек има љубов и почит кон себе, многу полесно успева да изгради квалитетни односи и со луѓето околу себе.

Мојот живот е динамичен, исполнет со патувања и професионални обврски, но мислам дека љубовта не е нешто што може да се планира според агендата. Таа доаѓа природно.

За мене љубовта е еден вид еликсир на младоста: нешто што ни дава енергија, инспирација и нè прави да се чувствуваме исполнети, без разлика каде се наоѓаме.

Македонија или Италија: каде денес повеќе се чувствуваш „како дома“?

Верувам дека местото каде што сме родени е прашање на судбина и затоа, без разлика каде ќе ме однесе животот, местото каде што сум родена секогаш ќе остане мојот дом.

Чувството на идентитет и припадност е она што нè прави посебни, особено кога живееме далеку од татковината.

Нашата култура, нашата историја и наследството што го носиме од нашите предци се дел од нашата колективна свест.

Можеме да живееме и да ја градиме нашата иднина каде било во светот, но нашите корени секогаш остануваат исти.

Кој е следниот чекор за Анѓела Јакимовска: нови ревии, кампањи или можеби уште позначаен моден проект?

За мене е важно секој следен чекор да претставува природно продолжение на искуствата што сум ги стекнала досега.

Не сакам премногу да зборувам за иднината. Претпочитам да се фокусирам на она што го правам и го градам во сегашноста.

Работата како новинарка за Industria Felix Magazine ми овозможи да влезам во контакт со значајна италијанска средина поврзана со бизнисот и медиумите и да учествувам на бизнис настани, каде што имав можност да запознаам влијателни личности од светот на модата и претприемништвото.

Меѓу нив беше и ќерката на Roberto Cavalli, гостинка на еден од деловните настани организирани од списанието во Милано.

За мене е особено важно што имам можност да ја набљудувам и доживувам модата од две различни перспективи: како модел и како новинарка. Токму оваа комбинација сакам да продолжам да ја развивам и во иднина.

И за крај, каков совет би им дала на младите македонски девојки кои сонуваат за меѓународна кариера како модели?

На младите девојки од Македонија пред сè би им препорачала да не се обесхрабруваат и да не ги споредуваат своите почетоци со туѓите успеси. Секоја кариера има свој пат и свое време.

Би им препорачала внимателно да ги избираат агенциите и соработките, да бидат професионални, дисциплинирани и секогаш подготвени да се усовршуваат.

Важно е да излезат од својата зона на комфор. Меѓународната кариера бара истрајност, трпение и многу работа, но најважно од сè е секогаш да успеат да го зачуваат сопствениот идентитет.

 

About The Author