April 25, 2026
черна

Кога бев мала, искрено, моето име и презиме не ми беа омилени. Беа кратки, малку необични и постојано морав да ги повторувам. Често слушав и шеги од типот: „Ина? Тоа име ли е или надимак?“

Но, како што растев, сфатив дека токму тоа ме прави поинаква. Додека околу мене имаше многу исти имиња и презимиња, јас бев едноставно – Ина. И со време, токму тоа почнав да го сакам кај себе.

Сара Мејс-Атеље Соња Марија
Сара Мејс-Атеље Соња Марија

А потоа дојде свадбата. И со неа, едно од оние прашања што на прв поглед изгледаат едноставно, а во себе носат многу повеќе емоции отколку што мислиме: што ќе правам со презимето?

Дали да си го задржам моето? Дали да го земам неговото? Или да ставам две презимиња?

Искрено, две презимиња никогаш не беа мој стил. Ги разбирам жените што се одлучуваат за тоа и мислам дека е сосема во ред, но јас не се пронаоѓав во такво решение. Моето име и презиме се кратки и некако чувствував дека сè дополнително би било премногу.

А сепак, не беше лесно да се откажам од презимето што го носам цел живот.

Тоа не е само збор на хартија. Тоа е дел од мене. Стои на сите мои дипломи, документи, потврди, спомени… Секаде каде што сум оставила некаков траг, стои токму тоа презиме. И затоа не можев така лесно да речам: „Добро, од денес ќе биде друго.“

Размислував многу. Повеќе отколку што очекував. Дури и дома разговаравме за тоа. Татко ми, како човек што држи до традицијата, ми рече: „Ако целиот твој идентитет е во презимето, тогаш каков е тој идентитет?“ Ме замисли, морам да признаам.

Мојот вереник беше многу поопуштен. Ми рече: „Како сакаш, така направи. Ти одлучи.“ Во моментот ми звучеше како воопшто да не ми помага, ама денес мислам дека тоа беше најискрениот можен одговор. Не ми наметна ништо.

До последен момент не знаев што ќе кажам. Само знаев дека некаде длабоко во себе сакам нашето семејство да има едно презиме. Не затоа што некој ме убедил, туку затоа што јас така го чувствував.

И тогаш дојде денот на свадбата.

Стоев пред матичарката, со трема, со емоции, со мисли што ми се мешаа во глава. И кога ме праша што решив за презимето, јас бев убедена дека можеби ќе се збунам или ќе речам дека сè уште не сум решила.

Но од мене излезе сосема јасно: „Ќе го земам неговото презиме.“

Во тој момент, искрено, самата се изненадив.

Моника Црнокрак-Жана Атеље
Моника Црнокрак-Жана Атеље

И тој се изненади. Ме погледна во стилот: „Ова ни мене не ми го кажа.“ А вистината е дека до тој миг не си го имав кажано ни самата на себе. Одлуката едноставно дојде. Тивко, мирно и некако сосема природно.

Во тој момент сфатив дека не губам дел од себе. Не ја бришам личноста што сум била досега. Не ги бришам спомените, семејството, годините зад мене. Само отворам ново поглавје.

Старото презиме секогаш ќе биде дел од мојата приказна. Но новото за мене не беше откажување – беше прифаќање на едно „ние“. Симбол на љубовта, на заедничкиот живот и на семејството што сакаме да го изградиме.

И можеби токму тоа беше мојата најголема лекција: идентитетот не живее само во презимето. Тој живее во срцето, во карактерот, во љубовта и во начинот на кој го живееш својот живот.

Затоа, ако и ти си пред истата дилема, не брзај и не се оптоварувај. Нема правилно и погрешно. Има само одлука што тебе ќе ти дојде природно.

А понекогаш, најважните одлуки навистина се носат во последен момент.