April 25, 2026
predlog-za-brak-04.jpg

Традиционалното новогодишно искачување на Пелистер „Први на први“ годинава доби посебна, емотивна димензија. Наместо само првото изгрејсонце во 2026 година, присутните беа сведоци и на незаборавен љубовен момент.

На 2.601 метар надморска висина, веднаш по изгрејсонцето, планинарот Дарио Петровски клекна на колено и ја побара својата сакана Мишела Панајотова за жена. Романтичниот гест предизвика воодушевување и аплауз кај сите што се искачија на врвот.

И покрај силниот ветер и екстремно ниските температури од −28 степени, љубовта успеа да го надвладее студот. Дарио и Мишела, кои живеат и работат во Германија, специјално допатувале во Македонија за да бидат дел од настанот „Први на први“.

Така, првото утро од 2026 година на Пелистер не остана запаметено само по мразот и снегот, туку и по моментот кога едно „ДА“ ја стопли планината.
Во време кога сè почесто слушаме за помалку бракови и повеќе разделби, ваквите моменти потсетуваат дека бракот сè уште започнува таму каде што има љубов, храброст и јасна одлука да се оди заедно напред. Запросувањето на Пелистер не е само романтичен гест, туку симбол на верба во заедништвото, во семејството и во иднината што се гради чекор по чекор – дури и кога условите се сурови, а патот стрмен.