Време е да ја извадиме есенската гардероба: Еве како да изгледаме шик во најнезгодниот моден период
Утрото е свежо, напладне повторно е лето, а навечер веќе ни треба јакна. Да, стигна оној период од годината кога буквално не знаеме што да облечеме.
Но токму преодот од лето кон есен може да биде најинтересниот моден период.
Наместо веднаш да ги спакувате летните фустани, кошули и здолништа, комбинирајте ги со првите есенски парчиња што полека ги вадиме од плакарите.
Сакото повторно е главниот спас
Обична бела маичка, фармерки или лесен летен фустан веднаш изгледаат пософистицирано кога врз нив ќе додадете oversized сако.
Црно, сиво, кафеаво или беж – ова е парчето што практично ја отвора есенската сезона.
Летниот фустан сè уште не оди на одмор
Макси и миди фустаните можат да останат во игра уште долго. Наместо сандали, комбинирајте ги со мокасини, балетанки, патики или чизми, а навечер додадете кожна јакна или тенко плетиво.
Фармерките повторно се враќаат во прв план
По месеците поминати во лен, шорцеви и лесни материјали, фармерките повторно стануваат основа на секојдневниот изглед.
Широки модели, прав крој или класичен деним со едноставна кошула – понекогаш токму наједноставната комбинација изгледа најскапо.
Кожната јакна – знак дека есента е тука
Не мора веднаш да преминеме на капути.
Кожна јакна врз бела маичка, кошула или романтичен фустан е една од оние комбинации што секоја есен повторно изгледа модерно.
Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.
Слоеви, но без претерување
Кошула под тенок џемпер, маичка со сако, елек врз кошула или кардиган префрлен преку рамениците.
Тајната на добриот септемвриски изглед не е во многу облека, туку во добро избрани слоеви кои можете да ги соблечете кога сонцето повторно ќе потсети на август.
А боите?
Не мора веднаш целиот плакар да стане кафеав.
Белата, крем, црната и денимот одлично се мешаат со бордо, маслинесто зелена, чоколадно кафеава, сива и карамела.
А ако не сте подготвени целосно да се простите од летото, задржете едно парче во посилна боја.
Најубавото кај овој период е што нема строги правила.
Сандали со сако? Може.
Летен фустан со чизми? Уште подобро.
Шорцеви со кошула и јакна? Зошто да не?
Затоа, пред целосно да ја спакувате летната гардероба, погледнете уште еднаш што имате во плакарот.
Можеби вашиот најдобар есенски аутфит веќе е таму – само му недостига сако, добра чанта и малку инспирација.
