Запознајте ги Ана и Мартин – нашиот пар на неделата!“

Запознајте ги Ана и Мартин – нашиот пар на неделата!“

На саемот отишла само да разгледа, а си заминала со венчаница! Првиот танц на „Љубовта е моја религија“, веселбата што никој не сакал да ја прекине и патувањето Крушево – Скопје – Кичево се дел од нивната незаборавна свадбена приказна.

Постојат љубови што започнуваат ненадејно, со една средба, еден поглед или случаен разговор. Но, постојат и оние другите, можеби најубавите – љубови што започнуваат уште во детството, растат заедно со нас и со текот на годините стануваат сè посилни.

Токму таква е приказната на Ана Преш и Мартин Маркоски, нашиот пар на неделата, кои по десет години љубов ја крунисаа својата врска со голема свадбена прослава пред 400 гости.

Иако зад нивниот свадбен ден стојат месеци подготовки, многу организација и безброј детали, Ана денес со насмевка вели дека, кога би можела сè да повтори, не би променила апсолутно ништо.

Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости
Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости

„Едноставно знаев дека тој е вистинскиот“

Нивната љубовна приказна започнала пред десет години, кога двајцата биле уште деца. Уште тогаш размислувале како би изгледал нивниот заеднички живот, а со текот на времето детските соништа полека станувале реалност.

Кога ја прашавме Ана во кој момент сфатила дека Мартин е човекот со кого сака да ја помине иднината, нејзиниот одговор беше едноставен и искрен.

„Мислам дека сфатив дека тој е вистинскиот затоа што воопшто не ни размислив за друга алтернатива… Едноставно знаев.“

И навистина, зарем постои поубава потврда за љубов од чувството дека никогаш не сте посакале некој друг?

WEDDING EXPO SKOPJE 2027 – ТРИ ДЕНА МОДА, ГЛАМУР И ГОЛЕМ СВАДБЕН СПЕКТАКЛ!

Отишла на Саемот за венчаници само да разгледа, а си заминала со венчаница!

За многу девојки изборот на венчаница е еден од најголемите предизвици во подготовките за свадбата. Пробувања, разгледувања, консултации, дилеми…

Но, Ана имала сосема поинакво искуство.

Свадбата била закажана за октомври, а таа уште во февруари решила да посети Саем за венчаници (венчавки), без некаква сериозна намера да купува. Сакала само да види што се нуди.

И тогаш се случило нешто што секоја идна невеста го посакува – ја пронашла својата совршена венчаница уште на прв поглед.

„Искрено, не ни разгледав. Едноставно ја видов мојата венчаница и можев да се замислам само во таква венчаница, уште пред да ја пробам.“

Одлуката била донесена веднаш. Ана ја купила венчаницата истиот ден, а во ателјето „Жана“ ја чувале речиси половина година, сè до приближувањето на големиот ден.

Интересно е што Ана на сличен начин зборува и за Мартин и за венчаницата. Во двата случаи, едноставно знаела дека го направила вистинскиот избор.

Ана Преш во креација на Жана Атеље
Ана Преш во креација на Жана Атеље

Првиот танц на „Љубовта е моја религија“ – момент што го чекале со години

Секоја свадба има моменти што засекогаш остануваат во сеќавањето. За Ана и Мартин тоа бил нивниот прв танц.

Звуците на „Љубовта е моја религија“ го означиле почетокот на еден од најемотивните моменти на вечерта.

„Тоа беше момент кој го планиравме и замислувавме со години, па кога конечно се случи – навистина беше премногу емотивно.“

Но, за Ана посебна вредност имало и нешто што не може да се купи, ниту да се испланира – присуството на најблиските.

Особено ја трогнало тоа што на свадбата биле и бабите и дедовците.

„Да ја славиш љубовта пред нивните очи е нешто бесценето.“

Токму таквите мигови потсетуваат дека вистинската магија на свадбата не е само во раскошните декорации, убавата венчаница или совршените фотографии, туку во луѓето со кои ја споделуваме среќата.

 Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости
Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости

Планирале тивка музика за вечера, но заборавиле дека прават македонска свадба!

Ана и Мартин внимателно го испланирале текот на прославата. Нивната идеја била за време на вечерата музиката да биде потивка, за гостите да можат мирно да јадат, да разговараат и да уживаат.

Но, како што самата Ана духовито признава, малку ја потцениле македонската желба за веселба.

„Луѓето буквално ја завршија вечерата со брзина на светлината, само за да станат, да ги поддржат музичарите и да продолжат со забавата.“

Очигледно, на оваа свадба никој не дошол само за вечера!

Гостите биле расположени за играње, музичарите ја направиле вистинската атмосфера, а веселбата продолжила со полна енергија.

 Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости
Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости

400 гости и свадбена маршрута Крушево – Скопје – Кичево

Организацијата на свадба со 400 гости сама по себе е сериозен предизвик. Но, кога во целата приказна ќе се додаде и патување на релацијата Крушево – Скопје – Кичево, станува јасно дека зад оваа прослава стоеле многу труд и внимание.

Ана со особена гордост зборува токму за организацијата.

„Најмногу сум горда на тоа што успеавме да воведеме совршен ред со дури 400 гости! Да организираш толку луѓе на македонска свадба да бидат среќни, задоволни и на свое место, а притоа успешно да се изведе целото патување на релација Крушево – Скопје – Кичево без да настане општ хаос, е навистина предизвик.“

За неа, најголемиот успех бил балансот меѓу големата и весела свадба и беспрекорната организација.

Тоа бил и нејзиниот личен печат на целиот настан.

И судејќи според атмосферата што ја опишува, трудот целосно се исплател.

 Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости
Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости

„Би направила комплетен копи-пејст!“

На крајот од разговорот ѝ поставивме на Ана едно интересно прашање: кога би имала можност повторно да го доживее својот свадбен ден, што би променила?

Нејзиниот одговор беше категоричен.

„Апсолутно ништо! Кога би имала шанса по вторпат да ја доживеам мојата свадба, би направила комплетен копи-пејст.“

Музиката ја создала атмосферата за паметење, фотографите успеале да ги овековечат најубавите мигови, а гостите ја донеле онаа посебна енергија што ниту една свадба не може да ја има без вистинските луѓе.

По десет години заедничка љубов, Ана и Мартин добиле токму таков свадбен ден каков што замислувале.

Без желба нешто да се избрише, поправи или повторно да се организира.

Само со желба уште еднаш да се почувствуваат истите емоции.

Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости
Ана и Мартин по десет години си го кажаа судбоносното „ДА“ пред 400 гости

И можеби токму тоа е најубавата дефиниција за совршена свадба – не онаа што изгледа идеално на фотографиите, туку онаа што, дури и кога ќе помине, би сакале да ја доживеете повторно, од првата до последната минута.

About The Author