April 25, 2026
SnapInsta.to_610575084_18354232657207390_4784131095552213537_n

Запросување под дождот кај Св. Јован Канео: кога љубовта не се откажува

Младенците Павлинка Колева и Џоце Гогов од Струмица својата љубовна приказна ја запечатија на едно од најромантичните места во Македонија, а денот што требаше да биде совршено испланиран – се претвори во вистинска, искрена и незаборавна животна сцена.

Договорот беше јасен – романтично запросување точно во 14 часот, кај манастирот Св. Јован Канео. Тимот на Цвеќара Камелија – Охрид, со долгогодишно искуство и стотици реализирани запросувања зад себе, пристигна уште во 12 часот. Причината е секогаш иста: оваа локација бара многу време, трпение и физички напор – од недостиг на паркинг, до носење на целата декорација пеш, рачно и внимателно.

Како и секогаш, пред секое запросување во манастирот, тимот побара благослов од главниот свештеник, отец Васко. Неговата поддршка и позитивен дух уште еднаш потврдија дека манастирот треба да им служи на младите и на љубовта, сè додека постои почит кон редот и светоста на просторот.

Сè беше подготвено, но токму во моментот кога декорацијата беше наместена, времето целосно се промени. Почна силен дожд, ветерот стануваше сè појак, а условите – сè потешки. Дополнителна компликација настана кога другарот од Ресен, кој бил дел од организацијата и требало да помогне околу снимањето и координацијата, не можеше да најде паркинг и доцнеше.

Наместо паника, следеше упорност. Сопружниците од Цвеќара Камелија цело време ги држеа столбовите, цветните аранжмани и декорациите за да не одлетаат од силниот ветер. Дождот не престануваше, сè се превртуваше и лизгаше, но откажување – немаше.

По околу 40 минути, другарот од Ресен конечно пристигна и се искачи по карпите, решен – и покрај временските услови – да помогне сè да се реализира како што било замислено. Во меѓувреме, Павлинка и Гоце се појавија од горната патека, според договореното сценарио. Павлинка ништо не насетуваше.

Во моментот кога ја виде сцената, емоциите ја презедоа. Солзи, искрена радост и насмевка која зборуваше повеќе од зборови. И покрај дождот, студот и хаосот, среќата беше посилна од сè.

Она што остави најсилен впечаток кај сите присутни беше радоста во нејзините очи – чиста, искрена и неподмитлива. Радост што ретко се гледа и која не се глуми. Радост што потсетува зошто токму ваквите моменти вреди да се создаваат, без разлика на условите.

Од Цвеќара Камелија – Охрид велат дека зад себе имаат организирано над 200 запросувања, вклучувајќи и парови од странство, и дека најголемата награда им е довербата, задоволството и среќата на оние кои им го довериле најважниот момент во животот.
Тимот на порталот Во Бело им честита на младенците и им подарува карти за претстојниот саем за венчавки како и шопинг картичка за попуст на саемот.