Кога ќе дојдат топлите денови, сите бараме нешто полесно — полесна облека, полесна шминка, па и полесна фризура. Токму затоа една боб фризура деновиве сè повеќе се врти на Инстаграм и ги освојува жените кои сакаат промена, но не сакаат секое утро да поминуваат половина час пред огледало.
Станува збор за таканаречениот скандинавски боб —
лежерна, модерна и многу женствена верзија на класичниот боб. Fризурата стана популарна затоа што изгледа шик, го врамува лицето и бара минимално одржување.
Скандинавскиот боб најчесто се сече веднаш под линијата на вилицата, што го прави идеален избор за жените кои сакаат пократка, но не премногу кратка коса. Должината убаво ги нагласува линиите на лицето, а фризурата изгледа природно, свежо и модерно.
Тајната е во патецот.
Наместо строга, совршено исцртана линија, кај овој боб косата се носи малку „превртена“ на една страна. Токму тоа ѝ дава волумен, движење и оној ефект како да не сте се труделе премногу — а сепак изгледате одлично.
Оваа фризура е особено практична за лето, затоа што не бара комплицирано стилизирање. Доволни се фен, голема четка и малку волумен кај коренот. При сушење, косата околу разделбата може да се фенира во спротивна насока за да се добие природен волумен и полежерен изглед.
Уште една предност е тоа што должината не е „заробена“.
Косата е доволно кратка за да биде лесна и свежа, но сепак доволно долга за да можете да ја соберете во ниска опашка или мала пунџа кога ќе биде премногу топло.
Скандинавскиот боб е одличен избор за жени кои сакаат фризура што изгледа уредно, но не премногу строго. Совршено оди со минимална шминка, ленена кошула, сандали, очила за сонце и оној летен став: „сакам да изгледам средено, ама без многу мака“.