Мадона конечно откри што се случило со долго најавуваниот биографски филм за нејзиниот живот, проект кој со години го чекаа нејзините фанови.
Поп-кралицата во ново интервју за магазинот „Interview“ раскажала дека филмот пропаднал поради несогласување со студиото „Universal“ околу буџетот. Според неа, нејзината животна приказна не можела да се раскаже со „мал филм“, бидејќи зад неа стојат децении музика, скандали, борба, слава, падови и враќања на сцената. (The Guardian)
„Имав исклучителен живот. Мојот живот е огромен, па ми требаше и голем буџет“, изјавила Мадона, објаснувајќи дека токму тука почнале проблемите со студиото.
Филмот беше најавен уште во 2020 година, а Мадона требаше самата да го режира. Сценариото го работеше со оскаровката Дијабло Коди, позната по филмот „Juno“, а главната улога требаше да ја игра Џулија Гарнер, ѕвездата од сериите „Ozark“ и „Inventing Anna“. Garner била избрана по долг и исцрпувачки кастинг-процес, кој медиумите го нарекуваа „Madonna bootcamp“. (The Guardian)
Но, проектот заглавил кога студиото не сакало да го одобри буџетот што Мадона го сметала за неопходен. Таа дури предложила снимањето да се пресели во Србија, каде продукцијата би чинела помалку, но ни таа идеја не била прифатена.
Според Мадона, реакцијата на студиото била дека не верувале оти таа би останала во Србија повеќе од четири дена. На тоа таа им одговорила дека не оди таму на одмор, туку да ја раскаже својата приказна – приказна која, како што вели, отсекогаш била приказна за преживување. (The Guardian)
По пропаѓањето на филмот, Мадона се обидела идејата да ја претвори во серија за „Netflix“. Но, и тој процес се покажал комплициран, бидејќи сценариото што го пишувала за филмот било врзано со „Universal“, па не можела едноставно да го искористи за нов проект. Покрај тоа, таа не успеала да го најде вистинскиот шоуранер кој би ја водел серијата. (The Guardian)
Иако биографскиот филм засега останува нереализиран, Мадона не се откажува од креативноста. По разочарувањето со Холивуд, таа повторно се насочила кон музиката, која, како што самата вели, е она за што е родена.
Нејзината приказна очигледно сè уште чека вистински момент да биде раскажана на големото платно. А ако нешто докажала Мадона низ кариерата, тоа е дека ретко кога прифаќа „не“ како конечен одговор.