Хајди Клум топлес на плажа го покажа природното тело: „Со годините изгледаме подобро кога не сме преслаби“
Хајди Клум уште еднаш покажа дека нема проблем да се појави пред јавноста без филтри и без обид да ги сокрие природните промени на своето тело.
Познатата германска манекенка објави разиграно видео од плажа, на кое ужива топлес, со долен дел од бикини, голема летна шапка и кесичка чипс во рацете. Во дел од снимките друштво ѝ прави и нејзиното куче, со кое влегува во морето.
Иако видеото на прв поглед изгледа како спонтан момент од одмор, кесичката чипс не била избрана случајно. Станува збор за промоција на нејзината соработка со германскиот бренд Funny-Frisch и специјалната линија „Chipsfrisch by Heidi Klum“.
Но, повеќе од самата реклама, вниманието го привлече нејзината опуштеност. Хајди не се обидува да ги сокрие целулитот, наборите или другите сосема природни несовршености, испраќајќи порака дека женското тело не мора секогаш да изгледа совршено обработено за да биде убаво.
Педесет и тригодишната манекенка неодамна зборуваше и за притисокот жените во Холивуд постојано да бидат што послаби. Таа истакна дека не е заинтересирана за користење лекови за слабеење и дека денес многу полесно ги прифаќа промените кои доаѓаат со возраста.
„Со текот на времето се здебелив. Повеќе не носам фармерки со број 24, но мислам дека со годините изгледаме подобро кога не сме премногу слаби“, изјавила Хајди.
Таа открила дека голема поддршка добила и од сопругот Том Каулиц, кој ја охрабрил да не се оптоварува со строгите стандарди на модната индустрија и ѝ кажал дека ќе изгледа подобро со „малку повеќе месо на коските“.
Со своето најново појавување, Хајди уште еднаш потсети дека самодовербата нема конфекциски број, а вистинската убавина не значи тело без целулит, набори и траги од годините.