Андријана „Кеш“ кажа „да“: Романтично запросување покрај морето
Македонската фолк-пејачка Андријана Ацевска, позната како Андријана „Кеш“, сподели прекрасна вест со своите следбеници – таа се вери!
Романтичната понуда за брак се случила за време на летниот одмор во Флогита, покрај морето, каде што нејзиниот сакан Дино го поставил најважното прашање. Пејачката без двоумење кажала „да“, а среќниот момент го овековечиле со фотографии од плажата и од вереничкиот прстен.
„Кажав да… во овој живот и секој нареден“, напишала Андријана во емотивната објава на Инстаграм, откривајќи дека е подготвена за ново љубовно поглавје со својот партнер.
Запросувањето дошло по динамичен период исполнет со музички настапи и патувања. Пред одморот во Флогита, Андријана престојувала и во Шпанија, каде што ги посетила Бенидорм и Аликанте, а дел од летните моменти ги споделила со својата публика.
Судејќи според фотографиите, понудата била интимна, едноставна и романтична – море, зајдисонце и прстен кој го означува почетокот на нивната заедничка иднина.
На Андријана и Дино им посакуваме многу љубов, среќа и незаборавни моменти во подготовките за свадбата.