Една љубов, две свадби: Венус Вилијамс се омажи двапати за истиот маж – а причината е неочекувана
За некои парови една свадба е доволна. Венус Вилијамс и Андреа Прети решиле да имаат две – во две земји и со сосема различна атмосфера.
Тениската легенда и италијанско-данскиот актер, модел и режисер првата свадба ја организирале на романтичниот остров Искија во Италија, а неколку месеци подоцна повторно си кажале „да“, овојпат во Палм Бич, Флорида. 
Се запознале случајно на модна ревија
Нивната приказна започнала во 2024 година на ревија на Gucci за време на Миланската модна недела.
Интересно е што ниту еден од нив првично не планирал да присуствува. Венус била на патување на езерото Комо со сестрите, кога во последен момент добила покана, додека Андреа речиси решил да не оди.
Сепак, токму таму се запознале. Неколку месеци подоцна, во јануари 2025 година, Андреа ја запросил во Тоскана.
Првата свадба – италијанска романса на Искија
На 18 септември 2025 Венус и Андреа организирале свадба на Искија.
Италија била нивната прва желба, но се појавил административен проблем: бидејќи Венус не е италијанска државјанка, подготовката на документите за законски брак можела да трае и до осум месеци.
Наместо да го одложат целиот план, решиле едноставно да направат уште една свадба. 
Втората свадба – пет дена прослава во Флорида
Во декември приказната продолжила во Палм Бич, каде парот сакал свадбата да ги одразува корените и животот на Венус во Флорида.
И тука веќе не зборуваме само за една вечер.
Имало забава на јахта, bridal shower, pool parties, италијанска вечера во Мајами, спортски ден, граѓанска церемонија и голема свадбена прослава.
Јахтата била подарок од нејзината сестра Серена Вилијамс, која се погрижила и за храната и деталите на тој ден. 
Венус носела повеќе од 10 свадбени looks
Ако две свадби ви звучат многу, почекајте го модниот дел.
Во текот на прославите Венус променила повеќе од десет комбинации – од bridal shower и спортски ден до граѓанската церемонија и главната свадбена вечер. Vogue Italia ја опиша свадбената недела како вистински моден маратон.
За граѓанската церемонија носела custom Morilee New York, а открила дека модната куќа ѝ подготвила дури десет различни фустани од кои можела да избира.
Две свадби, но една приказна
Првата свадба била омаж на корените на Андреа и нивната љубов кон Италија.
Втората – на животот на Венус во Флорида.
И наместо административната пречка да им го расипе планот, тие ја претвориле во повод за уште една свадба.