за наслов

Михаела и Никола, од средношколска љубов до свадба од соништата

Некои љубовни приказни започнуваат многу порано отколку што можеме да замислиме каде ќе нè одведат.

Таква е приказната на Михаела и Никола. Се запознале уште како средношколци, љубовта ја започнале на неполни 17 години, а низ годините таа растела и созревала заедно со нив.

Следувало романтично запросување на езерото Комо, во прекрасната Вила Балбианело, а потоа и свадба во која модерната елеганција, традицијата и внимателно избраните детали се споиле во ден што ќе го паметат засекогаш.

За запросувањето, венчаницата, првиот танц, малите свадбени хаоси и моментот кој ѝ останал најдлабоко во срцето, разговаравме со Михаела.

Во Бело: Како се запознавте?

Со Никола се запознавме уште на самиот почеток од средното училиште. Бевме соученици во „Јахја Кемал“, а на неполни 17 години започна и нашата љубовна приказна. Низ годините врската природно растеше и созреваше, сè додека не прерасна во нешто многу поголемо и посериозно.

Во Бело: Како изгледаше запросувањето?

Минатото лето имавме испланирано патување на езерото Комо во Италија, а токму таму Никола ме запроси, во прекрасната Вила Балбианело.

Моментот беше интимен, романтичен и дефинитивно еден од најмагичните во мојот живот.

Не можам да кажам дека воопшто не очекував дека запросувањето можеби ќе се случи на тоа патување, но Никола со неколку мали „лаги“ успеа целосно да ми го одвлече вниманието. Затоа, кога конечно се случи, навистина бев изненадена.

Во Бело: Каква свадба посакувавте?

И двајцата замислувавме свадба која ќе биде совршен спој на модерност, елеганција и традиција.

Сакавме ден кој нема да го паметиме само ние, туку и сите наши блиски. Најважно ни беше гостите да бидат расположени, да играат и искрено да уживаат заедно со нас.

Како и многу девојки, уште од дете сонував за тој посебен ден и на крајот навистина испадна токму онака како што посакувавме.

Во Бело: Како ја избра венчаницата?

Интересно е што венчаницата која на крајот ја избрав беше всушност првата што ја пробав.

Во следните неколку месеци пробав уште многу различни модели и креации од повеќе дизајнери, но постојано се враќав на првата, венчаницата од „Прокопие“.

Очигледно, првото чувство било вистинското.

Единствениот нејзин „недостаток“ беше што во неа можев да направам само два или три чекори на оро, но искрено, вредеше за секој момент.

Во Бело: Што ти беше најубаво во подготовките?

Најмногу ќе ги паметам дружбите со старосватицата и со сите блиски луѓе кои беа покрај мене во тој период.

Ноќите поминати во разговори, смеење и планирање на секој детаљ за големиот ден ни донесоа прекрасни спомени кои ќе останат со нас засекогаш.

Во Бело: Кој момент од свадбата најмногу го паметиш?

Утрото, кога оддалеку ги слушнав младоженецот и сватовите како пристигнуваат.

Свирките од автомобилите, а потоа и првиот звук на тапанот, беа моментот кога навистина почувствував дека започнува нашиот свадбен ден.

Тоа ми предизвика толку многу емоции што сум сигурна дека никогаш нема да го заборавам.

Во Бело: Имаше ли нешто смешно или неочекувано?

Денот и за двајцата започна прилично хаотично. И јас и Никола доцневме.

Тој сè уште не бил подготвен кога кумот и музиката пристигнале кај него, а мене, кога се вратив од фризер, веќе ме чекаа сите мои гости.

Но на крајот сè си дојде на свое место.

Кога денес гледам наназад, сфаќам дека е најважно со секоја непланирана ситуација да се справите смирено и да не дозволите тоа да ви го расипе расположението. Не оди секогаш сè според планот.

Wedding Expo Skopje 2027 – јубилејно 15-то издание!

Во Бело: Која беше песната за првиот танц?

За песната за првиот танц долго време се двоумевме.

На крајот изборот се сведе на „Од овој ден“ од Владо Јаневски и „Опасно сум вљубен во тебе“ од Драган Каранфиловски Бојс.

Одлуката падна на „Од овој ден“ и не можевме да бидеме позадоволни од изборот.

Песната создаде прекрасна и емотивна атмосфера и совршено го заокружи еден од најмагичните моменти од вечерта.

Во Бело: Кој детаљ од свадбата ти беше најпосебен?

Кога станува збор за материјалните детали, навистина обрнавме внимание на секоја ситница.

Од китенките со бисери, кои го следеа дизајнот на мојата венчаница, преку бордо фустаните на деверушите, па сè до цветните декорации кои совршено се надополнуваа со бидермаерот.

Но сепак, ништо од тоа не би го издвоила како најпосебно.

За мене, тоа беше моментот кога влеговме во салата.

Незаменливо е чувството кога пред себе ќе видиш сала полна со сите луѓе што ги сакаш, нивните насмеани лица и погледи исполнети со искрена љубов и среќа.

Тоа е момент кој едноставно останува засекогаш.

Во Бело: Што би им советувала на идните невести?

Планирањето свадба е прекрасен, но и прилично интензивен процес. Носи многу повеќе обврски и стрес отколку што првично очекував, а секогаш се појавуваат и неочекувани ситуации.

Мојот најголем совет е да не дозволите стресот да ви ја одземе радоста и да создаде непотребен притисок во врската.

Прифатете дека некои работи можеби нема да излезат точно според планот и фокусирајте се на сè што е убаво и што оди како што треба.

Многу значи да имате луѓе околу вас кои искрено сакаат да помогнат.

А на самиот ден, заборавете на ситниците.

Препуштете се на моментот и уживајте во секоја секунда.

Приказната на Михаела и Никола уште еднаш покажува дека најубавите свадби не се паметат само по венчаницата, декорацијата или совршено избраната песна.

Се паметат по чувството.

По луѓето.

По погледите.

И по оние моменти кои не можат однапред да се испланираат.

А за сите идни младенци кои токму сега ја започнуваат својата свадбена приказна, инспирацијата, новите колекции, свадбените трендови и најдобрите професионалци повторно ќе бидат на едно место.

Wedding Expo Skopje 2027, јубилејното 15. издание, ќе се одржи од 19 до 21 февруари.

Можеби токму таму ќе започне и планирањето на некоја наша следна свадбена приказна.

About The Author