Со одлична посетеност, богата понуда и исклучително позитивна атмосфера, успешно заврши Beauty Expo Skopje 2026, саемот за козметика, нега на коса и естетика, кој три дена беше вистинско место на средба за љубителите на убавината, професионалците и брендовите од оваа индустрија.

Годинашното издание го посетија над 2.500 посетители, кои имаа можност на едно место да се запознаат со голем број производи, новитети и актуелни трендови, како и да набават производи за домашна и професионална употреба. Од декоративна козметика, препарати за нега на лице, тело и коса, до професионални линии и опрема за салонска употреба, понудата беше разновидна и внимателно селектирана според интересите на публиката.
Саемот започна со свечено и впечатливо отворање, кое на настанот му даде дополнителна динамика и препознатливост. Домаќин на отворањето беше Снеже Велков, а во програмата настапија Елена Ристеска и Нела Манчевска, придружувани од Арт Балет и нивните млади, талентирани балеринки, кои внесоа елеганција и сценска убавина во целиот настан.
Во текот на трите саемски дена, изложувачите ги претставија своите производи, услуги и најнови колекции, додека посетителите покажаа исклучителен интерес за саемските понуди, презентациите и директната комуникација со брендовите. Токму тоа уште еднаш потврди дека ваков специјализиран настан има свое значајно место на домашниот пазар и претставува важна платформа за промоција, продажба и вмрежување во рамки на beauty секторот.
Beauty Expo Skopje 2026 зад себе остави силен впечаток, задоволни изложувачи и публика која препозна квалитет, разновидност и добра организација. Успешната реализација на ова издание е уште една потврда дека интересот за ваков тип на настани е реален, стабилен и во постојан раст.
Организатори на овој веќе традиционален саем се Арт школата за убавина и Во Бело.



















