Поп-ѕвездата доби условна казна, парична глоба и задолжителна програма, откако нејзиниот адвокат постигна договор со обвинителството во Калифорнија.
Бритни Спирс нема да оди во затвор по случајот со возење под дејство на алкохол и дрога во Калифорнија. Поп-ѕвездата, преку својот адвокат, се изјаснила за виновна за помало обвинение, познато како „wet reckless“, односно несовесно возење поврзано со претходно DUI обвинение.
Случајот произлегува од нејзиното апсење на 4 март во округот Вентура, откако полицијата реагирала на пријави за ризично и неправилно возење. Обвинителството наведе дека кај неа биле утврдени алкохол и дрога, но не прецизираше за какви супстанции станува збор.
Според договорот, Спирс добила 12 месеци условна казна, парична глоба, задолжителна програма за едукација поврзана со алкохол, како и обврска да продолжи со терапија и психијатриска грижа. Судот ѝ го признал и еден ден поминат во притвор.
Овој случај повторно го привлече вниманието кон личниот живот на пејачката, која со години е под силен јавен притисок. Нејзиното старателство, под кое беше 13 години, заврши во 2021 година, по што Бритни повеќепати јавно зборуваше за контролата врз нејзиниот живот и кариера.