Имаше едно време кога жените беа тие што „се спремаат долго“.
Барем така се зборуваше. Мажите седеа на кауч, гледаа во часовник и драматично прашуваа: „Уште колку?“
А денес? Денес ситуацијата е малку сменета.
Сè почесто жената е таа што стои облечена, нашминкана, со чанта во рака, додека тој уште е во бања и има „само уште две минути“. А тие две минути во машки skincare свет траат како мала сезона на серија.
Прво мие лице. Па става крема. Па нешто за брада. Па нешто за коса. Па проверува дали маицата му стои „премногу обично“. Па ја менува. Па се враќа на првата. Па пак оди пред огледало затоа што „некако косата денес не слуша“.
И жената само гледа.
Некогаш мажот бил подготвен за пет минути: фармерки, маица, парфем и готово. Денес има рутина. Утринска, вечерна, пред излегување, после туширање, пред сончање, после сончање, за лице, за брада, за коса, за енергија, за мир во душата.
И не е проблем што мажите почнале повеќе да се грижат за себе. Напротив, тоа е добро. Убаво е кога мажот е среден, чист, негуван и знае што му стои. Проблемот почнува кога жената со штикли го чека пред врата, а тој од бања вика: „Само да видам дали ми треба уште малку крема.“
Па потоа следува прашањето:
„Како ми стои ова?“
И тука жената сфаќа дека влегла во територија од која нема брзо излегување. Ако каже „добро“, тој ќе праша: „Само добро?“ Ако каже „супер“, ќе праша: „А сигурна си?“ Ако каже „смени“, ќе почне нов круг.
Модерниот маж веќе не се плаши од огледало. Тој го користи. Долго. Детално. Од сите агли. Со светло, без светло, од близу, од далеку. И нормално, мора да провери како изгледа и на камера, затоа што „огледалото лаже“.
А жената? Таа веќе го испила кафето, го проверила телефонот, се изнервирала, се смирила, пак се изнервирала и на крај само вели:
„Ќе те чекам долу.“
Најсмешно е што кога конечно ќе излезе, тој ќе рече:
„Што си нервозна? Па не задоцнивме многу.“
А тие „не многу“ се обично дваесет минути, три промени на маица и една мала криза со фризурата.
Но, да бидеме фер — можеби ова е само новото време. Жените повеќе не се единствените што сакаат да изгледаат добро. Мажите открија дека кремата не е непријател, дека парфемот има мера, дека брадата бара грижа и дека косата не се средува сама.
Прочитај и за
Тој има време за сите, само не за вас: најболните знаци дека не сте му приоритет
Само што сега жените конечно можат да кажат:
„Е, сега знаеш како ни беше нам сите овие години.“
И можеби тука е малата правда на модерната љубов.
Некогаш мажите ги чекаа жените. Денес жените ги чекаат мажите. Разликата е само што мажите тоа го нарекуваат „брзо се спремам“.
А ние знаеме вистината:
ако има крема, фен и огледало — тоа веќе не е спремање. Тоа е процес.