July 24, 2026
w

НЕВЕСТА НА ДЕНОТ: Стефанија – невестата која избра венчаници што ја раскажуваат нејзината лична приказна

Кога размислувала за својата венчаница, Стефанија Депинова отсекогаш знаела дека не сака да се води од правилата за тоа како „треба“ да изгледа една невеста. Нејзината желба била јасна – на свадбениот ден да остане своја, да носи нешто лично, автентично и создадено токму за неа.

Стефанија Рабровалиев
Стефанија Рабровалиев

Затоа, при изборот на дизајнер немала ниту најмала дилема. Својата доверба повторно ѝ ја подарила на Анетте Ѓоргева и на Marie Antonette Fashion Atelier.

Wedding Expo Skopje 2027 – јубилејно 15-то издание!

Дизајнерка која е дел од нејзините најубави спомени

Анетте не е само дизајнерката на свадбените креации на Стефанија. Таа е дел од нејзиното растење и од многу важни животни моменти.

Уште од детските родендени ги создавала нејзините фустани, подоцна ја изработила и матурската тоалета, а денес стои зад двете венчаници што засекогаш ќе останат дел од најубавиот ден во нејзиниот живот.

„Низ годините не само што совршено го запозна мојот стил, туку научи да ја препознае и мојата личност. Токму затоа знаев дека никој подобро од неа нема да ја претвори мојата визија во реалност“, раскажува Стефанија.

Стефанија Рабровалиев
Стефанија Рабровалиев

Смела и драматична креација за црковната церемонија

За црковната церемонија била создадена впечатлива венчаница која уште во првиот момент ѝ го одзела здивот.

Корсетот бил обложен со нежна француска чипка, додека преголемата машна се издвојувала како централен и драматичен детаљ. Раскошното бело здолниште било украсено со бројни цветови и деликатен вез од ситни бисери.

Посебен печат на целиот изглед му дала големата бела шапка, која внела доза на смелост, уникатност и безвременска елеганција.

„Во тој момент не се чувствував како да носам само венчаница. Се чувствував како да носам уметничко дело создадено токму за мене“, вели таа.

Модерен краток фустан за свадбената прослава

За вториот дел од свадбата, Стефанија не сакала уште една класична венчаница. Наместо тоа, Анетте создала краток фустан кој бил модерен, женствен и целосно во нејзин стил.

Од двете страни елегантно паѓале свила и француска чипка, половината била нагласена со нежни бисерни ланци, а на рамото се издвојувал рачно изработен цвет украсен со бисери и акценти во пауново тиркизна нијанса.

Креацијата ја истакнувала младоста, енергијата и женственоста на невестата, без да ја ограничи во традиционален крој во кој таа не би се препознала.

Стефанија Рабровалиев
Стефанија Рабровалиев

Бисерите како спомен на запросувањето во Охрид

Она што ги направило двете креации уште поспецијални било значењето скриено зад секој детаљ.

Бисерите не биле избрани само како украс. Тие го симболизирале охридскиот бисер и моментот кога Стефанија била запросена токму во Охрид – местото каде што започнало новото поглавје од нивната љубовна приказна.

На тој начин, личниот спомен бил вткаен во венчаниците и станал дел од нивната симболика.

Пауново тиркизните акценти продолжиле и во стајлингот на младоженецот. Анетте рачно ги изработила деталите за неговата креација – од реверите на елекот и машната, до останатите декоративни елементи.

Нивните стајлинзи не биле само усогласени, туку се надополнувале како две половини од една заеднички раскажана приказна.

Стефанија Рабровалиев
Стефанија Рабровалиев

Букет како продолжение на венчаницата

Како финален потпис на целата свадбена концепција, дизајнерката ја изненадила Стефанија со рачно изработен букет инспириран од мотивите на нејзиниот фустан.

Цветните форми, бисерите и тиркизните акценти се повторувале и во букетот, создавајќи совршена целина со свадбените креации.

„Стефи, ова си ти“

Еден момент од свадбениот ден Стефанија засекогаш ќе го памети.

Кога пристигнала во ателјето за Анетте да ѝ помогне да се подготви, дизајнерката само ја погледнала, се насмевнала и ѝ рекла:

„Стефи, ова си ти. Ти умееш да го изнесеш ова.“

Во тие неколку зборови Стефанија добила сè што ѝ било потребно – самодоверба, мир и потврда дека го направиле вистинскиот избор.

„Кога некој ве познава толку добро што секој бод, секој материјал и секој детаљ ги создава мислејќи на вас, тогаш не добивате само венчаница. Добивате спомен, емоција и уметност што засекогаш ќе ве потсетува на најубавиот ден од вашиот живот“, вели невестата.

Стефанија Рабровалиев
Стефанија Рабровалиев

Најубавата венчаница е онаа во која невестата е своја

Стефанија не верува дека една невеста мора да изгледа според однапред утврдени правила.

За неа, најубавата венчаница не е онаа што е најтипична или најочекувана, туку онаа во која жената се препознава себеси.

„Јас сум млада и не сакав да ја сокријам својата младост во крој во кој не се препознавам. Сакав нешто што ми прилега и што ја истакнува мојата личност, енергија и женственост, а не само да ја следи традицијата.“

И токму затоа свадбените изданија на Стефанија не биле само прекрасни креации. Тие биле моден портрет на нејзиниот карактер, нејзината љубовна приказна и сите спомени што ја довеле до најважниот ден.

„И овој пат, Анетте Ѓоргева ги надмина сите мои очекувања. Благодарна сум што сите мои најважни животни моменти ги претвори во безвременски креации што ќе ги паметам цел живот. Од срце – благодарам.“

About The Author

gamoshi.io, 267-b6491, DIRECT, 20e30b2ae1f670f2