Никол Кидман повторно успеа да го привлече вниманието на јавноста, овојпат со појавувањето во новиот музички спот на австралискиот пејач Трој Сиван за песната „She’s the Best“.
Славната актерка се појавува во впечатливо и сензуално издание, во видео инспирирано од атмосферата на ноќните клубови и квир сцената во Њујорк од 1980-тите. 
Спотот изобилува со гламур, провокативни кадри и стилизирани сцени, а Кидман со својот изглед и присуство веднаш стана една од главните теми на социјалните мрежи.
Никол и Трој веќе се познаваат од порано. Двајцата работеа заедно на филмот „Boy Erased“, а според Сиван, актерката без многу двоумење ја прифатила поканата да биде дел од неговиот нов музички проект.
Во видеото се појавуваат и други познати лица, меѓу кои drag ѕвездата Sasha Colby, како и сестрата на Сиван, Sage Mellet.
Посебно внимание привлекува и самиот Трој Сиван, кој во еден момент се појавува во drag издание, дополнително нагласувајќи ја екстравагантната и театарска атмосфера на спотот.
Кидман и во минатото покажа дека не се плаши од смели улоги и необични проекти, па нејзиното појавување во ваков музички спот за многумина е уште еден доказ дека актерката и понатаму сака да изненадува.
Новиот спот веќе предизвика бројни реакции, а фановите особено го коментираат нејзиниот изглед, енергија и целокупната визуелна естетика на видеото.
Едно е сигурно – Никол Кидман и на 59 години знае како со едно појавување да го украде целото внимание.