Новата Мис Свет доаѓа од Доминиканска Република:
Ева Величковска ја претставуваше Македонија меѓу 111 убавици
Новата Miss World 2026 е Joheirry Mola Dominguez од Доминиканска Република.
24-годишната наставничка, новинарка, модел и активистка ја освои круната на големото финале во Виетнам, пред претставничките на Шпанија и Малезија, кои завршија како прва и втора придружничка. 
Joheirry е висока 175 сантиметри, работи како наставничка по литература и општествени науки, а паралелно е и новинарка и професионален модел. Таа е основач на иницијативата Voices of Tomorrow, преку која им помага на деца и млади од ранливи средини да добијат пристап до образование на англиски јазик.
Ова е втора титула Miss World за Доминиканска Република.
А како помина нашата Ева?
Македонија годинава ја претставуваше 20-годишната Ева Величковска, студентка по психологија и модел.
Ева беше дел од силна конкуренција со 111 претставнички од целиот свет, но не успеа да влезе во финалниот Топ 40. Во европската група меѓу 10-те што продолжија понатаму беа Англија, Германија, Франција, Шпанија, Гибралтар, Белгија, Украина, Велс, Полска и Шкотска.
Иако не обезбеди пласман во завршните кругови, Ева ја претставуваше Македонија на 75-годишното јубилејно издание на изборот, каде настапи пред меѓународна публика и учествуваше во повеќе активности и предизвици во текот на фестивалот.
Според официјалниот профил на Miss World, Ева е висока 179 сантиметри, студира психологија, зборува повеќе јазици и има амбиција еден ден да стане лиценциран психотерапевт. Во својот профил особено ја истакнува љубовта кон животните и грижата за бездомни мачки и кучиња
Топ 3 на Miss World 2026:
Miss World 2026 – Joheirry Mola Dominguez, Доминиканска Република
1. придружничка – Elisabeth Reynés Alabern, Шпанија
2. придружничка – Taanusiya Chetty, Малезија