Oasis

Oasis повторно заедно – ама не баш: Браќата Gallagher ја избегнаа прес-конференцијата во Венеција

Лиам и Ноел Галагер пристигнаа во Венеција за премиерата на документарецот „Oasis: Don’t Look Back in Anger“, но направија баш тоа што од нив можеше да се очекува – се појавија пред фотографите, а потоа ја прескокнаа прес-конференцијата.

Браќата пристигнаа на Лидо со брод, позираа на официјалниот фотокол и кратко ги поздравија фановите, но кога дојде време за разговор со новинарите – ги немаше. На прес-конференцијата останаа режисерите Dylan Southern и Will Lovelace, како и креаторот на филмот Steven Knight. Variety наведува дека браќата всушност не биле официјално планирани како учесници на прес-конференцијата, но нивното отсуство сепак предизвика реакции бидејќи присутните очекувале да ги видат.

Иронијата е уште поголема затоа што документарецот е токму за нивното помирување по долгогодишната кавга.

Oasis се распадна во 2009 година по бурна кавга зад сцена непосредно пред концерт во Париз. Лиам и Ноел потоа со години разменуваа навреди преку медиумите и социјалните мрежи, пред конечно да се смират и да ја најават големата reunion турнеја во 2024 година.

Филмот го покажува она што фановите со години не можеа да го видат

„Oasis: Don’t Look Back in Anger“ ја следи огромната Live ’25 турнеја и носи материјал од проби, бекстејџ и концерти, но и нешто многу поретко – прво заедничко интервју на Лиам и Ноел по повеќе од 20 години.

Режисерите открија дека дел од подготовките биле снимани со дискретни камери, токму за браќата да не се однесуваат поинаку поради присуството на екипата.

А нивната легендарна непредвидливост очигледно продолжува и во Венеција.

На премиерата сепак се појавија – и добија осум минути овации

Ако ја избегнаа прес-конференцијата, црвениот тепих не го пропуштија.

Лиам и Ноел се појавија заедно на премиерата, се фотографираа еден до друг, а публиката го пречека филмот со околу осум минути стоечки овации.

Документарецот следува по една од најочекуваните музички реунион приказни во последните децении, а по Венеција ќе има и кино/IMAX издание пред да пристигне на streaming.

Очигледно е едно:

Oasis се повторно заедно – но Лиам и Ноел сè уште играат според сопствени правила.

About The Author