Европа без Париз и Рим: 8 места за 2027 што сè уште не се претворени во туристички кошмар
Париз, Рим, Барселона, Венеција, Санторини… прекрасни се, но во шпицот на сезоната одморот сè почесто значи редици, резервирање месеци однапред и борба за фотографија без уште стотина луѓе во кадар.
Токму затоа една од најинтересните патувачки тенденции за 2027 е свртувањето кон помали градови, острови и региони кои имаат што да понудат, но сè уште не живеат целосно според ритамот на масовниот туризам. Intrepid Travel дури ја има својата „Not Hot List“ – места кои имаат капацитет да примат повеќе посетители и каде туристичките пари можат повеќе да ѝ користат на локалната заедница. (euronews)
1. Алонисос, Грција – грчки остров без санторинската гужва
Белите куќи, синото море и тесните улички се тука – само што нема илјадници луѓе кои чекаат за истата фотографија.
Алонисос, во Северните Споради, имал околу 70.000 посетители во 2024 година и се наоѓа во рамките на најголемото морско заштитено подрачје во Европа. Тука е и подводниот музеј кај бродоломот Перистера, а стариот град Хора е оној класичен грчки пејзаж по кој сите одиме на Егејот. (euronews)
За кого е: парови, мирно море, таверни и луѓе кои сакаат Грција без Mykonos vibe.
2. Лиепаја, Латвија – град што во 2027 има посебна причина да се посети
Веројатно никогаш не ви бил прв на листата – токму затоа е интересен.
Лиепаја е една од европските престолнини на културата за 2027 година и се очекуваат повеќе од 500 културни настани. Дополнително, има плажа долга околу осум километри, што ја прави необична комбинација од city break и Балтичко Море. (euronews)
За кого е: оние што сакаат архитектура, култура и лето без медитеранските температури и толпи.
3. Далсланд, Шведска – за луѓе кои сакаат тишина наместо лежалки во пет реда
Ако идеалниот одмор не ви е beach club, туку езеро, шума и велосипед – запомнете го името Dalsland.
Регионот го нарекуваат шведски „Lake District“ и има повеќе од 2.000 езера, како и околу 850 километри патишта погодни за gravel biking. Новата железничка врска меѓу Малме и Осло дополнително ја подобрува достапноста. (euronews)
Ова е тип на место каде главната атракција не е една знаменитост, туку фактот дека конечно можете да не брзате никаде.
4. Тибинген, Германија – како разгледница, само без Минхенските толпи
На половина час од аеродромот во Штутгарт се наоѓа Tübingen, стар универзитетски град со пастелни фасади, средновековен центар и река по која може да се плови со традиционални чамци.
Има готска црква, градско собрание од 15 век со астрономски часовник, замок и доволно вино и германска храна за викендот да не се претвори само во разгледување музеи. (euronews)
За кого е: романтичен викенд, есенско патување и луѓе кои го сакаат европскиот „old town“ изглед.
5. Мотовун, Истра – блиску ни е, а изгледа како Тоскана
Не мора секогаш да летаме до Италија.
Мотовун стои високо над долината на Мирна, со камени улици, стари ѕидини, лозја и шуми. Регионот е познат по белите тартуфи, а есента е особено добра за гастрономски патувања. (euronews)
Тука лесно можете да направите три дена без голема агенда: долг ручек, вино, тартуфи, велосипед и зајдисонце.
И веројатно ќе се прашате зошто сите одат во преполниот Дубровник.
6. Isola San Giulio, Италија – Италија што сè уште шепоти
Ако Комо ви изгледа како Instagram сцена што повеќе не може да дише од посетители, погледнете го Lake Orta.
Во езерото се наоѓа малата Isola San Giulio, позната како „Островот на тишината“. Има романска базилика од 12 век, бенедиктински манастир и пешачка патека наречена „Way of Silence“. До островот се стигнува со кратко возење со чамец од Orta San Giulio. (euronews)
За кого е: парови, мир, Италија без позирање пред секоја маса во ресторан.
7. Пико, Азори – остров за оние што сакаат нешто повеќе од плажа
Азорите стануваат сè попознати, но Pico сè уште добива значително помалку внимание од најпознатите европски острови.
Тука се наоѓа највисоката планина во Португалија, висока 2.315 метри, а локалната винска традиција е под заштита на UNESCO. Планинарење, вулкански пејзажи и дегустација на вино – не е лоша комбинација за островско патување. (euronews)
Ова не е место за оние кои сакаат само лежалка и коктел.
Токму затоа е интересно.
8. Астипалеа, Грција – можеби грчкиот остров што треба да го видиме пред сите други
Уште еден грчки остров, но сосема поинаков од масовните дестинации.
Astypalaia има форма на пеперутка, бели куќи, ветерници, венецијански замок над Хора и прекрасни плажи, а Skyscanner ја издвои меѓу европските дестинации со ниско ниво на пребарувања – односно места кои сè уште не се на радарот на сите. (euronews)
А токму таму обично почнуваат најдобрите патувања.
Можеби најдобриот европски луксуз во 2027 ќе биде – простор
Не значи дека треба да ги отпишеме Париз, Рим или Венеција.
Но Европа е многу поголема од листата од десет места што сите ги објавуваат на Instagram.
И можеби вистинскиот луксуз во 2027 нема да биде хотел со пет ѕвезди, туку да седнете на плоштад, плажа или тераса и да не мора да резервирате место три недели однапред.