22

Ralph Lauren ја диктира модата за 2027: Ова е новата дефиниција за елеганција

На Њујоршката модна недела, Ralph Lauren уште еднаш покажа зошто по речиси шест децении останува едно од најмоќните имиња во светската мода.

Колекцијата пролет/лето 2027 не се обидува да измисли некоја сосема нова жена. Напротив – таа ја зема класичната елеганција, ја опушта, ѝ додава малку романтика, малку машки крој и доволно неочекувани детали за повторно да изгледа свежо. Самиот Ralph Lauren ја опиша колекцијата како „непочитувачки поглед кон романтиката“ што создава нов вид елеганција.

И ако треба да издвоиме една порака од ревијата, таа би била едноставна: во 2027 нема да бидеме елегантни затоа што сме совршено дотерани, туку затоа што имаме свој стил.

Белата и темносината се новиот луксуз

Наместо експлозија од бои, голем дел од колекцијата се движи околу белата, крем, темносината и денимот.

Резултатот изгледа неверојатно скапо, а истовремено ненаметливо.

Бели кошули, широки панталони, остро кроени сакоа и лесни материјали покажуваат дека понекогаш најмоќниот моден впечаток се создава токму со наједноставната палета.

Костумот повторно е главен

Еден од најсилните моменти на ревијата се женските костуми.

Ralph Lauren се навраќа на сопствената модна историја и на првите женски костуми што ги создавал, но овојпат силуетата е помодерна – нагласена структура во горниот дел и пошироки, опуштени панталони.

Тоа е оној изглед што истовремено може да биде деловен, вечерен и исклучително женствен.

А фармерките? Колку пошироки и „поносени“ – толку подобро

Ако мислевме дека „clean denim“ ќе доминира засекогаш, Ralph Lauren има друга идеја.

За 2027 неговите фармерки се широки, избледени, ниско поставени и понекогаш искинати.

Се носат со кратки сакоа, раскопчани кошули и луксузни детали – комбинација што совршено го претставува она по што Ralph Lauren отсекогаш бил препознатлив: мешавина на американска лежерност и висок луксуз.

Романтиката се враќа – но не онака како што ја знаевме

Тантела, богати везови, свила, кадифе и цветни детали се појавуваат низ колекцијата, но без да изгледаат премногу нежно или старомодно.

Романтичен горен дел може да биде комбиниран со широки бели панталони, раскошен кадифен мантил со фармерки, а вечерен фустан – со детали што повеќе потсетуваат на современ street style отколку на класична гала вечер.

Токму тој контраст ја прави колекцијата толку интересна.

Деталите ќе прават сè

Шешири со рамна круна, големи брошеви, цветни марами, бели чанти, огромни clutch модели, балетанки со врвки и нежни сандали се само дел од додатоците што се појавија на пистата.

А за вечерните комбинации – големи chandelier обетки.

Со други зборови, минимализмот останува, но повеќе нема да биде „гол“.

Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.

Ralph Lauren всушност ни кажува нешто многу едноставно

Можеби најинтересното е што колекцијата за 2027 не изгледа како мода што ќе треба да ја чекаме до следната година.

Добро бело сако, широка панталона, стара омилена фармерка, бела кошула, марама или впечатлив брош – голем дел од формулата веќе го имаме во плакарот.

Разликата е во начинот на кој ќе ги комбинираме.

И токму тука Ralph Lauren повторно ја погоди суштината: вистинската елеганција никогаш не е само тренд – таа е карактер.

 

About The Author