Повторно е слободен? Најпосакуваниот милијардерски наследник има 31 година и доаѓа од семејството што стои зад „Луј Витон“
Има 31 година, успешна кариера во светот на луксузот и презиме што отвора врати во најмоќните деловни кругови. Фредерик Арно, еден од синовите на францускиот милијардер Бернар Арно, повторно се најде во центарот на вниманието откако се појавија гласини дека неговата романса со Лиса од групата „Блекпинк“ завршила.
Светските медиуми веќе го нарекуваат еден од најпосакуваните ергени, но засега ниту Фредерик ниту Лиса официјално не потврдиле дека биле во врска, ниту дека се разделиле.
Фредерик е наследник на семејството Арно, кое ја контролира групацијата LVMH – луксузната империја во чија сопственост се наоѓаат брендови како „Луј Витон“, „Диор“, „Тифани“, „Булгари“, „Фенди“, „Живанши“ и многу други.
Неговиот татко, Бернар Арно, важи за еден од најбогатите луѓе во светот, а сите пет негови деца имаат значајни позиции во семејниот бизнис.
Но, Фредерик не е познат само како „синот на милијардерот“. Тој завршил престижно образование по применета математика и компјутерски науки, а веќе има изградено сериозна кариера во групацијата. По раководните позиции во „ТАГ Хојер“ и секторот за часовници на LVMH, во 2025 година беше назначен за извршен директор на италијанскиот луксузен бренд „Лоро Пијана“.
Романсата што никогаш не ја потврдија
За љубовната врска меѓу Фредерик и тајландската музичка ѕвезда Лалиса Манобал, попозната како Лиса од „Блекпинк“, почна да се зборува уште во 2023 година.
Двајцата во повеќе наврати беа забележани заедно во Париз, Венеција, Лос Анџелес, Монако и Тајланд. Фредерик присуствуваше и на нејзини настапи, додека Лиса беше гостинка на повеќе настани поврзани со брендовите од империјата LVMH.
Иако нивната блискост беше очигледна, тие никогаш јавно не проговорија за својата врска.
Новите гласини за разделба се појавија откако магазинот „Венити фер“ објави дека двојката „се чини дека ставила крај на врската“. Дополнителни шпекулации предизвика и отсуството на Фредерик од роденденската прослава на Лиса.
Во интервјуто, пејачката признала дека често била таа на која ѝ било скршено срцето, но не кажала дали зборува за Фредерик. Нејзиниот тим, исто така, побарал да не ѝ се поставуваат прашања поврзани со приватниот живот.
Затоа, иако светските медиуми веќе го прогласија Фредерик Арно за „најпосакуваниот слободен наследник“, неговиот љубовен статус сè уште останува мистерија.
Едно е сигурно – млад, образован, успешен и дел од една од најмоќните фамилии во модната индустрија, Фредерик Арно и понатаму ќе биде еден од најинтересните ергени на светската јавна сцена.