May 5, 2026
stefa-Cover

По романтичното запросување и граѓанската венчавка, Стефанија и Панче направија голема свадбена веселба во Битола – а невестата носеше тантелна венчаница што совршено ја следеше нејзината силуета

Модната инфлуенсерка Стефанија Кржеска викендов ја прослави својата љубов со саканиот Панче Патоски на голема свадбена веселба во Битола, опкружени со семејството, пријателите и блиските луѓе.

Стефанија, која важи за една од најубавите и најстилски девојки на македонската модна сцена, уште еднаш покажа дека знае како да го носи гламурот – овојпат во најважната улога, како невеста.

Иако таа и Панче се од Прилеп, големата свадбена прослава ја направија во Битола. Веселбата доаѓа една година по нивната венчавка, кога во мај 2025 си го кажаа судбоносното „да“, а нивната љубовна приказна претходно беше крунисана и со романтично запросување во Маврово.

За својот голем ден, Стефанија избра венчаница од тантела, која ја следеше линијата на нејзиното тело и ја нагласи нејзината елеганција. Изгледот го заокружи со долг вел и ракавици од тантела, создавајќи bridal издание кое истовремено беше романтично, женствено и многу префинето.

Наместо претерана раскошност, нејзиниот изглед имаше токму она што најмногу се памети кај една невеста – мерка, стил и личен печат. Тантелата ѝ даде класична свадбена нота, додека силуетата ја внесе модерната, модна естетика по која Стефанија е препознатлива.

Панче, пак, избра класичен црн костум, со кој совршено се вклопи во елегантната свадбена приказна. Заедно изгледаа како пар што знае како да ја прослави љубовта – свечено, стилски и со многу емоција.

На свадбата присуствуваа и неколку познати модни инфлуенсерки и блиски пријателки на Стефанија, меѓу кои Ксенија Деспотоска, Илариа Кирилов и Ева Јовановска, кои споделија моменти од веселбата и фотографии со невестата.

Еден од најсимпатичните моменти од свадбата беше и сечењето на тортата. Големата торта со бел фил и свежо овошје стана дел од вистинско мало шоу – пред да ја пресечат, младенците во ритамот на музиката ја наросија со шеќер во прав, а потоа ја споделија со гостите.

Стефанија и Панче беа во врска речиси пет години пред тој да ја побара за сопруга. Нивната љубовна приказна, од запросувањето во Маврово, преку венчавката, па до големата свадбена прослава, сега доби уште едно прекрасно поглавје.

Она што е посебно интересно за публиката на Во Бело е што Стефанија не е непозната за светот на свадбената мода. Пред година-две таа беше и дел од Саемот за венчавки, каде се појави како модел и носеше bridal креации пред идните невести и посетителите на саемот. Тогаш ја видовме на модната писта во венчаница, а сега – во вистинскиот живот – блесна како невеста на својата свадба.

Стефанија Кржеска-саем за венчавки-Проминент-Ивана Николова
Стефанија Кржеска-саем за венчавки-Проминент-Ивана Николова

Од ревиска писта до сопствен свадбен ден, Стефанија покажа дека венчаницата не е само фустан, туку момент што се памети. Нејзиниот избор беше елегантен, женствен и доволно впечатлив за да стане инспирација за идните невести кои сакаат класика со модерен допир.

Со оваа свадба, Стефанија и Панче ја заокружија својата љубовна приказна со голема веселба, многу емоции и стил кој сигурно ќе се коментира уште долго.