шминка

Ако досега верувавте во правилото дека со нагласени очи треба да носите неутрален кармин, време е да го заборавите. Есента 2026 носи комбинација што некогаш би предизвикала ужас кај шминкерите – ледено сини очи и усни во боја на црвено вино. А резултатот? Изненадувачки гламурозен и провокативен изглед!

Модните правила постојат за да се прекршуваат, а новите трендови во шминкањето го докажуваат токму тоа.

По неколку сезони во кои доминираа природниот изглед, нежните земјени нијанси и речиси невидливата шминка, боите повторно го преземаат главниот збор.

Овојпат во центарот на вниманието се две нијанси што ретко сме ги гледале заедно: сина на очните капаци и темно бордо на усните.

Комбинацијата веќе ги освојува социјалните мрежи, а модниот магазин „L’Officiel“ ја прогласи за еден од најинтересните трендови за оваа есен.

Од модна грешка до најпосакуван изглед

Со години важеше непишаното правило: ако очите се силно нашминкани, усните треба да бидат дискретни. И обратно.

Но, новата генерација шминкери очигледно не е заинтересирана за тие ограничувања.

На модните ревии за есен/зима 2026, темните вински кармини беа забележани кај „Сен Лоран“, „Ели Сааб“ и „Карвен“.

Во исто време, сини сенки се појавија на ревиите на „Марк Џејкобс“, „Екхаус Лата“ и други дизајнери.

Иако на пистите двете бои најчесто се носеа одделно, креаторите на содржини за убавина на Инстаграм решија да ги спојат.

Токму така се роди новата опсесија.

УБАВИНАТА ИМА СВОЈ ДАТУМ: Beauty Expo Skopje 2027 најавува три дена гламур, трендови и инспирација!

Зошто сината и бордото толку добро се согласуваат?

На прв поглед, станува збор за необична комбинација.

Но, тајната е во студените подтонови.

Темноцрвените кармини со виолетова основа прекрасно се вклопуваат со ледено сини, лавандови и кобалтни сенки.

Резултатот е впечатлив контраст кој истовремено може да изгледа романтично, мистериозно и мошне елегантно.

Особено атрактивна е комбинацијата на нежна светлосина сенка со сјаен кармин во боја на црвено вино.

За похрабрите, шминкерите предлагаат и интензивна тиркизна сенка со речиси црни бордо усни.

Зендаја веќе ја врати сината сенка на црвениот тепих

Меѓу познатите личности што придонесоа за враќањето на сината шминка е и Зендаја.

На њујоршката премиера на филмот „The Drama“ во април, актерката се појави со впечатлива сина шминка на очите, усогласена со нејзината креација од „Скијапарели“.

Нејзиниот изглед беше уштен еден доказ дека сината сенка, која многумина ја поврзуваат со осумдесеттите години, повторно има свое место во современата мода.

Како да го испробате трендот без да претерате?

Не мора веднаш да посегнете по најсилните бои.

За почеток, нанесете нежна ледено сина сенка на капаците и добро размачкајте ги рабовите.

Усните нагласете ги со кармин во боја на зрела вишна или темна малина.

Остатокот од лицето нека биде природен, со малку руменило и лесна пудра.

За вечерно излегување можете да бидете похрабри: металик сина сенка, прецизно исцртани очи и сјаен темнобордо кармин.

Една работа е особено важна – кога очите и усните се толку впечатливи, нема потреба од силно контурирање и дополнителни интензивни бои на лицето.

Дали ова ќе биде најголемиот тренд за зимските забави?

Со почетокот на сезоната на празнични прослави, ваквата шминка би можела да стане интересен избор за вечерни излегувања.

Особено добро изгледа со црни фустани, едноставни кроеви и дискретен накит.

Ако досега избегнувавте сина сенка затоа што ве потсетуваше на старите модни фотографии, можеби токму оваа есен е вистинскиот момент повторно да ѝ дадете шанса.

На крајот, најинтересните модни комбинации често се токму оние за кои некогаш сме велеле: „Ова никако не оди заедно!“

About The Author