June 19, 2026
Крај на копираните свадби: новиот тренд е свадба што личи на младенците

Крај на копираните свадби: новиот тренд е свадба што личи на младенците

Совршено усогласени бои, исти декорации, исти пози за фотографирање и Pinterest-табли што личат една на друга — изгледа дека свадбите конечно се враќаат таму каде што треба: кај личната приказна на младенците.

Во последните години свадбите станаа визуелно совршени, но често и премногу слични една на друга. Беж тонови, исти цветни аранжмани, исти неонски натписи, исти маси, исти фотографии со шампањ и исти видеа „за Instagram“. Убаво? Да. Но, понекогаш без душа.

Ивана Јанковска
Ивана Јанковска

Свадба со личност

Затоа новиот свадбен тренд за 2026 е вистинско освежување: свадба со личност. Според Vogue, еден од најсилните правци во свадбената индустрија е токму „power of personality“ — помалку правила, повеќе лични детали, смели избори и свадби што не изгледаат како копија од туѓа идеја.

Овој тренд не значи дека свадбата треба да биде хаотична или премногу ексцентрична. Напротив, значи дека секој детал треба да има причина. Ако младенците сакаат стара музика, зошто да нема ретро момент? Ако се запознале на море, зошто декорацијата да не носи медитерански дух? Ако невестата не се гледа себеси во класична венчаница, зошто да не избере нешто со карактер?

Новите свадби се помалку „што ќе кажат другите“, а повеќе „ова сме ние“. Тоа може да биде необична боја на декорација, семеен рецепт во менито, погача и адети во модерна верзија, персонализирани покани, statement бидермаер, неочекувана песна за прв танц или венчаница што невестата навистина ја чувствува како своја.

Адријана Петрушевска
Адријана Петрушевска

Vogue претходно пишуваше и дека свадбените трендови за 2026 одат кон персонализација, носталгични детали и бегање од „cookie-cutter“ стилот, односно од свадби што изгледаат како направени по ист шаблон.

Најубаво од сè е што овој тренд им дава слобода на младенците. Нема потреба свадбата да изгледа како нечие совршено Instagram видео. Доволно е да биде искрена, убава и нивна.

Затоа во 2026 најмодерната свадба не е онаа со најскапа декорација, туку онаа во која гостите ќе речат: „Ова беше баш во нивен стил.“

About The Author