Леопард, каро, зебра или цветови: кој принт ќе ја обележи есента 2026?

Леопард, каро, зебра или цветови: кој принт ќе ја обележи есента 2026?

По неколку сезони во кои доминираа чистите линии, неутралните тонови и таканаречениот „тивок луксуз“, модата повторно станува погласна. Есента 2026 носи враќање на принтовите, а правилото оваа сезона е едноставно: облеката треба да има карактер.

На модните писти и во street style комбинациите веќе се издвојуваат четири големи фаворити – леопард, каро, зебра и потемни цветни мотиви. Vogue ја опишува сезоната есен/зима 2026 како период во кој минималистичките силуети се мешаат со побогати текстури и поизразени детали, додека Who What Wear го издвојува карото како еден од најприсутните и најносиви принтови на сезоната.

Леопард – принтот што веќе се носи како неутрална боја

Ако некогаш леопард принтот важеше за избор само за похрабрите, оваа есен приказната е сосема поинаква.

Леопардот и гепардот се појавуваат на палта, чевли, здолништа, но особено на чанти. ELLE дури ги нарекува овие принтови „нови неутрални“, бидејќи лесно се комбинираат со црна, кафеава, крем, бордо, па дури и со посилни бои.

Најлесниот начин да го носите? Едноставен црн или беж аутфит и еден леопард детаљ – чанта, балетанки или ремен.

За похрабрите, есента 2026 дозволува и мешање на различни животински принтови. Who What Wear забележува дека леопардот, зебрата и другите animal мотиви веќе не се резервирани само за еден „statement“ детал, туку се комбинираат и меѓусебно.

Каро – можеби најголемиот победник на сезоната

Ако бараме принт што може да го носи речиси секоја жена, тогаш карото веројатно е број еден.

Од класичните кошули до сакоа, долги палта, здолништа и костими, карото беше силно присутно во есенските колекции. Who What Wear го издвојува токму check/plaid мотивот како еден од водечките принтови на есен/зима 2026.

Но ова не е само класичното црвено-шкотско каро. Сезонава го гледаме во кафеави, сиви, маслинести и бордо комбинации, што го прави многу полесно за секојдневно носење.

Едно добро карирано палто или сако може да ја „подигне“ и наједноставната комбинација со фармерки и бела маица.

Зебрата повторно бара внимание

Леопардот има сериозна конкуренција.

Зебра принтот повторно се појавува во колекциите, а Vogue дури го постави прашањето „зебра или гепард?“ како еден од интересните street style дуели на сезоната.

Кај Markarian, на пример, зебра мотивот се појавува и на фустани и на поразиграни мини модели, што покажува дека овој принт веќе не мора да значи само црно-бела драматика.

За секојдневна комбинација доволна е една зебра чанта или пар чевли. За вечерен изглед, пак, зебра фустанот може да биде целата приказна сам по себе.

Цветовите не исчезнуваат со летото

Цветниот принт одамна не е резервиран само за пролет и лето.

За есен 2026 цветовите стануваат потемни, подлабоки и пораскошни. Vogue издвојува богати флорални мотиви во колекциите на Dries Van Noten, Simone Rocha и Erdem, со темни основи и поинтензивни тонови кои одлично функционираат во постудените месеци.

Наместо пастелни летни цветови, замислете бордо, темнозелена, кафеава, црна и златна основа со големи цветни мотиви.

Таков фустан со чизми или цветно здолниште со едноставен џемпер може да биде една од најелегантните есенски комбинации.

А кој е победникот?

Тешко е да се избере само еден.

Леопардот е највпечатлив, карото најносиво, зебрата најхрабра, а темните цветови најромантични.

Но можеби вистинскиот тренд за есен 2026 не е конкретниот принт, туку враќањето на желбата повторно да се играме со модата.

По годините на беж, сиво и едноставни комбинации, гардеробата повторно добива принт, текстура и малку драма.

А нам ни се допаѓа.

 

About The Author