Ноември штотуку започна, а Мараја Кери веќе ги вклучи божиќните светилки. Овојпат славната пејачка се здружи со модната куќа „Гучи“, која за својата празнична кампања ѝ подготви спектакуларни модни комбинации вредни повеќе од 50.000 долари. А кога кралицата на Божиќ ќе се појави во кристали, крзно и скапоцен накит, јасно е дека скромноста не е на списокот со подароци.
Мараја Кери повторно го направи она што најдобро го знае – го претвори почетокот на празничната сезона во светски настан. На 2 ноември беше претставена новата божиќна кампања „Gucci Gift“, во која пејачката ја има главната улога.
Рекламниот филм, во режија на Хармони Корин, започнува во луксузен хотел. Персоналот забрзано ги украсува просториите, се поставуваат подароци, се палат светилките, а сите се подготвуваат за пристигнувањето на специјалната гостинка.
И тогаш се појавува Мараја, придружена од звуците на својот легендарен хит „All I Want for Christmas Is You“.
Фустан од речиси 20.000 долари и гардероба што чини вистинско богатство
Најголемо внимание привлекуваат нејзините модни комбинации.
Според „Page Six“, вкупната вредност на облеката и модните додатоци што ги носи во кампањата надминува 50.000 долари.
Во едно од изданијата Мараја се појавува во фустан со мотиви на пеперутки, чија цена изнесува околу 4.600 долари. Комбинацијата ја надополнуваат впечатлив ѓердан со логото на „Гучи“ од 2.400 долари, очила за сонце од 1.295 долари и виолетова чанта од 3.550 долари.
Но, вистинската модна драма следува со асиметричен вечерен фустан во боја на шампањ, украсен со блескави кристали, чија цена достигнува неверојатни 19.500 долари.
Пеперутките имаат посебно значење
Новата колекција „Butterfly“ е инспирирана од пеперутките, мотив кој со децении е поврзан со пејачката.
Токму „Butterfly“ е името на нејзиниот албум од 1997 година, а пеперутката со текот на годините стана еден од нејзините најпрепознатливи симболи.
Со оваа соработка, италијанската модна куќа ги спои својот препознатлив луксуз и музичкиот идентитет на Мараја Кери.
Што посакува кралицата на Божиќ? Дијаманти, се разбира!
Во интервју за „Вог“, објавено на 3 ноември, Мараја откри и неколку детали за своите празнични навики.
Иако е позната како кралица на Божиќ, признава дека не сака рано станување. Во нејзиниот дом подароците се отвораат дури попладне, а празничната традиција вклучува средби со Дедо Мраз, возење со санки и топло чоколадо.
Откри и дека за Божиќ сака да подготвува тестенини со сос од школки, по рецепт на својот татко.
А кога ја прашале кој е најдобриот подарок што некогаш го подарила и добила, одговорот бил краток и сосема во нејзин стил: „Дијаманти. И дијаманти.“
Божиќ без Мараја? Речиси незамисливо!
Нејзиниот хит „All I Want for Christmas Is You“, објавен во 1994 година, повеќе од три децении е неизбежен дел од празничната атмосфера ширум светот.
На 1 ноември пејачката традиционално го објави и своето ново празнично видео „It’s Time“, со кое симболично го означи крајот на Ноќта на вештерките и почетокот на божиќната сезона.
А годинава, благодарение на „Гучи“, празниците пристигнаа со уште повеќе сјај.
Додека повеќето луѓе сè уште размислуваат кога да ја украсат елката, Мараја Кери веќе е подготвена – во фустан од 19.500 долари.