Што откриваат брадата и мустаќите за мажот? Еден стил важи за знак на интелигенција, но и на големо его
Брадата и мустаќите одамна не се само моден детал. Кај многу мажи тие се дел од карактерот, имиџот, самодовербата, па дури и од начинот на кој сакаат другите да ги доживуваат.
Некои мажи не можеме ни да ги замислиме без брада. Кај други, мустаќите се нивен заштитен знак. Иако на прв поглед станува збор само за стил, фризура на лицето или личен избор, многумина веруваат дека токму брадата и мустаќите можат да откријат многу повеќе – зрелост, носталгија, желба за внимание, самодоверба, па дури и карактер.
Секако, ова не треба да се сфати како строго правило, туку како забавна анализа на машкиот изглед. Но, мора да признаеме – понекогаш првиот впечаток навистина почнува од лицето.
Полна брада – зрел, сериозен и интелектуален тип
Полната брада најчесто се поврзува со зрелост, мудрост и сериозност. Овој стил често буди асоцијација на професори, уметници, филозофи, научници, но и на мажи со посебен авторитет.
Мажите кои носат полна брада најчесто оставаат впечаток на стабилни личности, луѓе кои не брзаат, не се обидуваат премногу да докажат нешто, туку сакаат нивниот изглед да зборува тивко, но моќно.
Овој тип брада има и малку „старински“ шарм. Го носат мажи кои сакаат класика, традиција, историја, но и помлади момци кои сакаат да изгледаат помажествено и посериозно.
„Козја брадичка“ – маж кој тешко ја пушта минатото
Таканаречената козја брадица беше голем хит во деведесеттите и раните 2000-ти. И денес има мажи кои останале верни на овој стил, но токму затоа тој често се поврзува со носталгија и враќање кон минатото.
Овој изглед може да открие маж кој има свој фазон и не сака лесно да го менува. Но, понекогаш остава впечаток дека личноста е заглавена во некоја стара верзија од себе.
Ако мажот сака посвеж, помодерен и помек изглед, можеби е време козјата брадица да остане таму каде што ѝ беше најголемата слава – во минатото.
Шилеста брада или chinstrap – маж кој сака да биде забележан
Овој стил не е за срамежливи мажи. Тенка линија околу вилицата, нагласена брада или впечатлив облик – сето тоа кажува едно: „Погледни ме“.
Мажите кои избираат ваков стил најчесто сакаат да бидат различни, да привлечат внимание и да имаат изглед што другите ќе го коментираат. Тоа не мора да биде негативно – напротив, може да значи дека станува збор за личност која сака да експериментира и не се плаши да излезе од просекот.
Но, ако стилот е премногу нападен, лесно може да остави впечаток дека мажот повеќе се труди да биде забележан отколку навистина да биде запаметен.
Мустаќи во форма на потковица – бунтовник со свој став
Овие мустаќи најчесто ги поврзуваме со моторџии, рокери, борци, луѓе со силен карактер и малку „опасен“ имиџ.
Мажот кој носи мустаќи во форма на потковица обично не сака да се вклопи во толпата. Тој сака да биде свој, да изгледа поинаку и да испрати порака дека не игра секогаш според правилата.
Овој стил зборува за неконвенционален дух, бунтовност и силна потреба за индивидуалност. Не е за секого, но кај вистинскиот маж може да изгледа навистина моќно.
Долги, извиткани мустаќи – џентлмен од некое друго време
Долгите, извиткани мустаќи имаат посебен шарм. Тие потсетуваат на старите џентлмени, на елеганција, добри манири и малку театралност.
Мажите кои ги носат најчесто сакаат да остават впечаток на внимателни, пристојни и уникатни личности. Тие не се плашат од стил кој бара одржување, време и самодоверба.
Овој изглед како да порачува дека џентлмените не исчезнале – само станале поретки.
Класични мустаќи – интелигентен, самоуверен, но понекогаш и суетен маж
Класичните мустаќи се еден од најпознатите машки симболи. Ги носат мажи кои сакаат да изгледаат зрело, мажествено и со стил.
Овој тип мустаќи често се поврзува со интелигенција, харизма и самодоверба. Мажот со класични мустаќи обично знае што сака, сака да изгледа уредно и не бега од вниманието.
Но, постои и друга страна. Токму овој стил понекогаш може да открие маж со силно его, човек кој ужива во сопствениот имиџ и сака да биде доживеан како авторитет. Кај некои тоа изгледа шармантно, кај други – малку суетно.
Изгледот не кажува сè, но првиот впечаток кажува многу
Секако, ниту една брада и ниту едни мустаќи не можат целосно да го откријат карактерот на еден маж. Некој може да носи полна брада, а да биде најголем романтичар. Друг може да има класични мустаќи, а да биде целосно скромен.
Но, факт е дека изгледот испраќа порака. Начинот на кој мажот ја носи својата брада, колку ја одржува и каков стил избира, многу често кажува нешто за неговата самодоверба, вкус и однос кон себе.
На крајот, најважно е едно – брадата може да привлече внимание, мустаќите можат да дадат карактер, но вистинскиот впечаток секогаш го остава однесувањето.
1 thought on “Маж со брада или маж со его? Еве што открива стилот на неговото лице”
Comments are closed.