кејти

СЕ ПОРОДИ НА 42 ГОДИНИ И ГО ПОКАЖА СИНОТ: Познатата пејачка повторно стана мајка – „Макс пристигна!“

Пејачката Кејти Мелуа, чиј хит „Nine Million Bicycles“ го освои светот, има прекрасна причина за славење. На 42 години таа го доби своето второ дете, а радосната вест ја сподели со обожавателите преку емотивна фотографија на која го држи новороденчето во прегратка.

Британската пејачка со грузиско потекло откри дека на свет дошло уште едно момче, кое го добило името Макс.

„Пристигна нов член на семејството… Макс е тука! Пресреќна сум што сум мајка на две прекрасни момчиња. Сандро досега се покажа како најдобриот постар брат. Се надевам дека така и ќе остане“, напиша таа на Инстаграм.

Честитките веднаш почнаа да пристигнуваат од нејзините обожаватели, но и од колегите од музичката сцена, меѓу кои и пејачката Софи Елис-Бекстор.

По разводот ја пронашла љубовта на својот живот

Кејти зад себе има еден неуспешен брак. Од 2012 до 2020 година беше во брак со поранешниот мотоциклист Џејмс Тоселанд.

Подоцна ја започнала врската со својот сегашен партнер Оли, со кого го има и постариот син Сандро, роден во декември 2022 година.

За време на еден концерт летово, кога јавно ја потврди втората бременост, пејачката искрено проговори за љубовта.

„По долго барање, конечно ја пронајдов љубовта на својот живот“, им порача тогаш на присутните.

Бременоста ѝ го променила погледот кон сопственото тело

Во една од своите претходни објави, Кејти призна дека со години чувствувала притисок поради физичкиот изглед.

Настапувањето пред камери и публика значело постојано размислување за облеката, фотографиите и за тоа како изгледа под силните рефлектори.

Но, втората бременост ѝ донела сосема поинакво чувство.

За првпат по долго време, како што раскажала, можела да излезе на сцената без постојано да размислува дали изгледа доволно слабо.

„Моето тело прави нешто многу поважно“, признала пејачката, додавајќи дека конечно можела целосно да се посвети на она што најмногу го сака – пеењето.

Денес, со две момчиња во својот живот и човекот за кого вели дека е нејзината најголема љубов, Кејти ужива во новото поглавје од својата животна приказна.

А фотографијата со малиот Макс доволно зборува за нејзината среќа.

About The Author