Охридското Езеро прогласено за најубаво место во Европа за 2026 – пред Комо, Гауди и норвешките фјордови
Охридското Езеро доби уште едно големо меѓународно признание. Магазинот Time Out го прогласи за најубаво место во Европа за 2026 година, ставајќи го пред некои од најпознатите европски дестинации. 
Во описот особено се издвојуваат кристално чистата вода, планинските пејзажи, стариот дел на Охрид и црквите покрај езерото. Како еден од највпечатливите погледи се посочува црквата Св. Јован Канео, поставена високо над езерото – кадар кој Time Out го опишува како тешко надминлив по убавина.
Охрид е претставен и како помирна и многу попристапна алтернатива на италијанското езеро Комо, кое со години е симбол на луксуз, славни гости и скапи одмори.
Она што признанието го прави уште повпечатливо е конкуренцијата.
На листата зад Охрид се најдоа термалните извори Сатурнија во Тоскана, Giant’s Causeway во Ирска, Alberobello во Италија, норвешките фјордови, Kew Gardens во Лондон, каналите во Амстердам и Casa Batlló – ремек-делото на Антони Гауди во Барселона.
Со други зборови, оваа година Охрид е ставен пред Гауди, пред Тоскана, пред норвешките фјордови и пред некои од најпознатите туристички икони во Европа.