June 19, 2026
Благица и Гордан Трајков

Благица и Гордан Трајков

Благица Трајков: „Кога ќе чукне тапанот, нема да биде важна бојата на салфетките“

Запросување со мотори, балони и многу емоции, свадба со традиција, погача, адети, гламурозна венчаница и моменти што остануваат засекогаш — Благица Трајков за „Во Бело“ ја раскажува својата свадбена приказна.

Пејачката и инфлуенсерка Благица Трајков (Ѕунѕуровска)  неодамна го кажа своето „да“ и ја започна новата животна приказна со својот сопруг Гордан. Од запросувањето што привлече големо внимание, до свадбата исполнета со љубов, традиција и модерни детали, Благица вели дека најважно било сите да бидат весели, опуштени и да уживаат во моментите што се паметат цел живот.

Во разговор за „Во Бело“, таа открива како се чувствува со новото презиме, кој момент најмногу ѝ останал во срцето, како го избрала својот bridal look и што би им порачала на сите идни невести.

Благица и Гордан Трајков
Благица и Гордан Трајков

Какво е чувството сега, по свадбата и со новото презиме?

Ви благодарам! Искрено, сè уште се навикнувам на новото презиме, но чувството е прекрасно и исполнето со многу љубов и среќа.

Кога ќе се навратиш на целиот период — од запросувањето до свадбата — кој момент прв ти доаѓа пред очи?

Прво ми доаѓаат пред очи емоциите, возбудата, исчекувањето и моментите што ги споделивме со најблиските.

Вашето запросување привлече големо внимание затоа што беше навистина поинакво — со мотори, балони и многу емоции. Дали очекуваше такво изненадување?

Не, воопшто не очекував. Беше целосно изненадување и токму затоа уште повеќе ми остана во срцето. Беше уникатно! Баш во наш стил.

Што ти помина низ глава во моментот кога Гордан клекна на колено?

Искрено, во тој момент не размислував многу. Бев преплавена од емоции и едноставно уживав во моментот кој засекогаш е врежан во моето срце.

Каква свадба посакувавте — голема, интимна, традиционална, модерна или комбинација од сè?

Посакувавме свадба што ќе нè опишува нас — елегантна, весела, балканска свадба исполнета со љубов, со спој на традиција и модерни детали.

Што беше најважно за тебе при организацијата на свадбата?

Најважно ми беше сите да се чувствуваат убаво и опуштено, да бидеме сите весели и да уживаме во секој момент.

Вашата свадба имаше и традиционални моменти, погача и адети. Колку ти беше важно да се зачува македонскиот свадбен дух?

Многу ми беше важно. Нашите обичаи носат посебна убавина и сакавме да бидат дел од нашиот ден.

Кој традиционален обичај ти беше најемотивен или најинтересен?

Искрено, најинтересни ми беа токму тие наши обичаи. Буткањето на вратата беше многу забавно од моја гледна точка, а верувам уште поинтересно од другата страна на вратата.

Деверот ми ги донесе штиклите, а кумот ми го донесе бидермаерот. Но, највозбудливо ми беше кога ги слушнав дека доаѓаат по мене. Бидејќи дојдоа со мотори, уште оддалеку се слушаа и тогаш почнаа вистинските пеперутки во стомакот.

А моментот кога се отвори вратата и првпат се видовме со Гордан — тоа беше навистина посебно.

Дали имаше некој момент од свадбата што не беше планиран, а испадна најубав?

Имаше неколку спонтани моменти кои не беа во план, а токму тие создадоа најубави спомени.

Како го избра својот bridal look и дали од почеток знаеше каква невеста сакаш да бидеш?

Од самиот почеток знаев дека сакам да изгледам природно, елегантно и да се чувствувам своја.

Благица и Гордан Трајков
Благица и Гордан Трајков

Што ти беше најважно кај венчаницата — да биде удобна, гламурозна, романтична или модерна?

Најважно ми беше да се чувствувам удобно и убаво. Моите очекувања и желби ги исполнија Атеље Соња и Марија. Изгледав како принцеза.

Се одлучив за гламурозна венчаница со рачно везени детали. Од мојата имагинација и нивните златни раце — до совршенство.

Како се чувствуваше кога првпат се виде како невеста?

Беше посебно чувство кога првпат се погледнав во огледало. Во тој момент, со солзи радосници, навистина сфатив дека дојде нашиот голем ден.

Кој беше најемотивниот момент од свадбата?

Венчавањето во црква, нашиот прв танц и моментот кога се собравме сите заедно беа најемотивни за мене.

Како реагираше Гордан кога те виде како невеста?

Неговата насмевка и поглед кажаа повеќе од илјада зборови.

Тебе јавноста те знае и како пејачка и како инфлуенсерка. Како реагираа следбениците на твојата свадбена приказна?

Добив огромна поддршка и многу убави пораки, за што сум бескрајно благодарна. И на сите им ја посакувам истата среќа.

Дали ти беше тешко да одлучиш што ќе споделиш јавно, а што ќе остане приватно?

Не ми беше тешко. Сакав да споделам дел од нашата среќа, но најубавите моменти сепак ги зачувавме за себе.

Благица и Гордан како деца
Благица и Гордан како деца

Благица и Гордан Трајков
Благица и Гордан Трајков

Денес многу невести ја планираат свадбата и „за Instagram“. Колку социјалните мрежи им помагаат, а колку им создаваат притисок на невестите?

Социјалните мрежи можат да бидат инспирација, но мислам дека најважно е секоја невеста да ја создаде свадбата по своја мерка, без притисок. На крајот од денот, важно е сите да се весели.

Благица и Гордан Трајков
Благица и Гордан Трајков

За крај, што би им порачала на идните невести што допрва го планираат својот голем ден?

Да уживаат во процесот и да не се оптоваруваат со совршенство. Најважни се љубовта, емоциите и спомените што остануваат засекогаш.

Верувајте ми, кога ќе чукне тапанот, нема да биде важна бојата на салфетките, ха-ха.


Благица и Гордан создадоа свадба што беше токму во нивен стил — елегантна, весела, емотивна и со силен македонски свадбен дух. А најубавата порака од нивната приказна е дека совршената свадба не е онаа во која сè е под конец, туку онаа во која љубовта, музиката и најблиските го прават денот незаборавен.

About The Author