Карија и Мирослав: Бајковита свадба со поглед кон Скопје
Некои свадби остануваат запаметени по раскошот, други по деталите, а најубавите – по чувството што го носат. Таква беше свадбата на Карија и Мирослав, која се одржа на 20 септември во Вила Биљана – интимна, романтична и со атмосфера како од бајка.
Нивната приказна до свадбениот ден започнала со запросување покрај море. Мирослав ја запросил Карија во Sunny Beach Resort во Халкидики, токму на нејзиниот роденден.

„Бев целосно изненадена, воопшто не очекував. Беше на зајдисонце, покрај море, прекрасно и романтично – токму онака како што отсекогаш сум посакувала“, раскажува Карија.
Уште од почетокот, двајцата знаеле дека не сакаат голема и формална свадба. Нивната желба била денот да го поминат со луѓето кои навистина им значат.
„Сакавме свадбата да биде помала и интимна. Замислата ни беше да биде во прекрасна вила што потсетува на замок, а целиот стил да има fairy tale атмосфера – романтично, магично и малку бајковито, како свадба од приказна.“
Токму затоа изборот паднал на Вила Биљана. Освен архитектурата која потсетува на мал замок, голем дел од магијата ја создава и погледот кон Скопје.

„Тоа беше целосно она што го замислувавме. Вилата го имаше токму тој бајковит дух што го баравме, а погледот кон цело Скопје ја направи атмосферата уште попосебна.“
За декорацијата и сите детали се погрижила самата Вила Биљана.
„Имаа грижа за секој детал од почеток до крај, па ние можевме целосно да се опуштиме и да уживаме. Сè беше усогласено со атмосферата што ја посакувавме.“

А кога станува збор за венчаницата, Карија признава дека немала строго дефинирана замисла. Единственото што го знаела било дека сака модел кој ќе ја следи линијата на телото и ќе ја истакне фигурата.
Совршената венчаница ја пронашла во модното студио Жана.
„Ме освои уште при првото пробување. Целосно се вклопи во тоа како сакав да изгледам. Во неа се чувствував самоуверено, женствено и убаво – и искрено, баш згодно“, вели таа низ смеа.

Голема помош при изборот добила и од Марија од студиото.
„Таа уште од самиот почеток точно знаеше што би ми стоело. Од прва ми ја донесе венчаницата која беше баш за мене.“
Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.
За фризурата бил задолжен нејзиниот пријател Станче Кипријанов, а шминката ја доверила на DL Art.

„Фризурата ги надмина моите очекувања. Излезе точно како што сакав.“
Иако целиот ден бил исполнет со моменти за паметење, еден сепак останал најдлабоко врежан во нејзиното сеќавање.
„Тоа беше моментот кога одев со спуштен вел кон матичното, каде што ме чекаше мојот сопруг. Беше како сцена од филм. Во позадина свиреше виолина и целиот момент беше неверојатно романтичен и емотивен.“

А советот на Карија до идните невести е едноставен – и веројатно еден од најважните.
„Да не бидат под стрес и да не се оптоваруваат премногу. На самиот ден сè ќе испадне прекрасно. Најважно е да се опуштат, да уживаат во секој момент и најубаво да си поминат, затоа што денот поминува многу брзо.“
И можеби токму тоа е најубавиот опис на оваа свадба – ден без преголема помпа, но со многу емоции, блиски луѓе, прекрасна атмосфера и една невеста која навистина се чувствувала како да е дел од сопствената бајка.
Фото кредит- Џоле Фотографи



