б

Викторија Бекам покажа како ќе изгледа жената во 2027: 

Викторија Бекам одамна престана да биде „поп-ѕвездата што реши да дизајнира“. На Париската модна недела таа ја претстави колекцијата пролет/лето 2027 и уште еднаш покажа дека нејзиниот бренд денес има многу јасен моден јазик – женствен, минималистички, но никогаш досаден.

Новата колекција беше претставена во историската Conciergerie во Париз, просторот во кој некогаш била затворена Марија Антоанета. Под светлина од свеќи, моделите носеа проѕирни фустани, широки панталони, oversized костими во зелени и сини тонови и сакоа со нагласени, потполнети раменици

Она што веднаш се забележува е контрастот.

Од една страна – лесни, речиси невидливи фустани што го следат телото. Од друга – огромни сакоа, широки панталони и парки со нагласен волумен.

Бекам како да ја гради жената за 2027 врз две спротивности: нежна, но силна; разголена, но заштитена; елегантна, но без да изгледа како премногу да се трудела.

Особено впечатливи беа кратките парки стегнати во половината, носени врз проѕирни фустани со странични шлицеви и декоративни детали на рабовите. А ако судиме според оваа ревија, уште еден тренд ќе продолжи да расте – огромната чанта. Кај Бекам таа речиси се носи под мишка како дел од облеката, а не само како моден додаток.

И костимот повторно е важен.

Но не оној строг, канцелариски костим што го знаеме.

Панталоните се долги и течни, паѓаат преку чевлите, сакоата се намерно преголеми, а рамената се нагласени. Силуетата има нешто машко во себе, но целокупниот изглед останува многу женствен.

Тоа всушност е една од најсилните страни на Викторија Бекам како дизајнер – таа ретко прави облека само за ефект на писта. И кога експериментира со пропорции, парчињата сепак изгледаат како нешто што реална жена би можела да го внесе во својот гардеробер. Модните критики за колекцијата исто така го издвојуваат балансот меѓу омекнат tailoring, utility парчиња, slip-фустани и контролирана сензуалност

 

А зад ревијата има и уште една интересна приказна.

Нејзиниот моден и beauty бизнис во 2025 година остварил оперативен профит од 7,3 милиони фунти, првпат откако брендот беше основан во 2008 година. Приходите пораснале 15 проценти, на 129,8 милиони фунти. Тоа можеби е најдобриот доказ колку далеку стигна Викторија Бекам од времето кога модниот свет со резерва гледаше на „Posh Spice како дизајнерка“.

Во првиот ред беа Дејвид Бекам, Ромео, Круз и Харпер, како и Ева Лонгорија. Бруклин Бекам не присуствуваше на ревијата, иако е во Париз и претходниот ден беше виден со Никола Пелц на ревијата на Balenciaga

Но ако го оставиме семејниот таблоиден момент на страна, ревијата испрати прилично јасна модна порака:

во 2027 нема да мора да бираме меѓу женственост и моќ. Ќе ги носиме двете одеднаш.

 

 

About The Author