Кафето можеби им носи посебна корист на мажите: Ново истражување откри врска со хормоните, мускулите и метаболизмот
За многумина денот не почнува без шолја кафе, но ново истражување покажува дека овој секојдневен ритуал можеби има многу поголемо влијание врз организмот отколку што мислиме.
Научници од Универзитетот во Оулу во Финска анализирале податоци од 2.264 лица на возраст од 46 години и ги споредиле нивните навики за пиење кафе со различни параметри поврзани со метаболизмот, телесниот состав и половите хормони. 
Кај мажите се појавиле особено интересни резултати
Истражувањето покажало дека мажите кои пиеле повеќе кафе имале поповолен профил на гликоза и инсулин, како и повисоки нивоа на вкупен и биорасположлив тестостерон.
Кај нив биле забележани и повисоки нивоа на SHBG – протеин кој ги пренесува половите хормони низ крвта. Научниците забележале дека овој хормонален образец бил присутен и откако биле земени предвид индексот на телесна маса и различни фактори од животниот стил.
Повеќе мускули, помалку телесни масти?
Интересен е и податокот дека кај лицата кои консумирале повеќе кафе била забележана поголема маса на скелетни мускули и помала количина складирани телесни масти, иако BMI бил сличен меѓу различните групи.
Истражувачите откриле и пониски концентрации на таканаречени BCAA аминокиселини во крвта кај поголемите консументи на кафе. Претходни истражувања ги поврзуваат премногу високите нивоа на овие аминокиселини со инсулинска резистенција и одредени метаболички проблеми.
А што се случува кај жените?
Кај жените ефектите врз половите хормони биле послабо изразени.
Поголемата консумација на кафе била поврзана со повисоко ниво на SHBG и пониско ниво на слободно достапни андрогени, во кои спаѓа и тестостеронот. Тоа покажува дека кафето можеби делува различно кај машкиот и женскиот организам.
Но, има една важна работа
Ова истражување не докажува дека кафето директно ги предизвикува овие ефекти.
Станува збор за опсервациска студија, односно истражувачите утврдиле поврзаност меѓу консумацијата на кафе и одредени параметри, но не и причинско-последична врска.
Дополнително, кафето содржи повеќе од илјада биолошки активни соединенија, а неговото дејство може да зависи од количината, начинот на подготовка, степенот на пржење, генетиката, пушењето и други животни навики.
Затоа научниците нагласуваат дека се потребни подолгорочни и контролирани истражувања за да се утврди дали кафето навистина е причината за забележаните разлики.
Сепак, резултатите отвораат интересна тема: утринското кафе можеби не служи само за будење, туку има многу посложена врска со метаболизмот, хормоните и телесниот состав – особено кај мажите.