Зухаир Мурад – најубавите венчаници и свечени фустани за 2027
Еден од најпрестижните творци на современата висока мода, либанскиот дизајнер Зухаир Мурад, со децении создава креации во кои раскошот, женственоста и беспрекорната изработка се претвораат во вистинска уметност.
Неговите венчаници изгледаат како да се создадени за кралски свадби, а свечените тоалети како да се наменети исклучиво за најгламурозните црвени теписи во светот. Но она што го издвојува Мурад не е само луксузот, туку способноста секоја жена во неговата креација да изгледа како главна ѕвезда на вечерта.

Од Бејрут до светските модни писти
Модната куќа Zuhair Murad е основана во 1997 година во Бејрут. Во 2001 година дизајнерот ја претставува својата прва колекција на Неделата на високата мода во Париз, со што го започнува меѓународниот подем на брендот.
Денес неговото име е синоним за рачно изработени везови, кристали, свила, тантела, раскошни корсети и драматични силуети. Во 2011 година ја лансира и својата линија на венчаници, со која дополнително ја зацврстува позицијата во светот на луксузната невестинска мода.

Во невестинските колекции за 2027 година, Мурад ја оживува романтиката преку впечатливи корсети, транспарентни детали, цветни апликации и долги велови.
Колекцијата за пролет 2027 е инспирирана од Верона и љубовната приказна за Ромео и Јулија, додека колекцијата за есен 2027 носи поинаква атмосфера – мистична зимска елеганција, структурирани силуети и кристали што потсетуваат на мраз.

Свечените тоалети – гламур без компромиси
Кај свечените тоалети, дизајнерот си дозволува уште поголема слобода. Сребрени кристали, златни украси, сатенски драпирања и прилепени силуети ја нагласуваат женската фигура.
Особено впечатливи се моделите од колекцијата висока мода за есен-зима 2026/2027, претставена на 8 јули во Париз. Под името „Love and Dominion“, Мурад создаде модна приказна за силна жена, користејќи темни цветни мотиви, пердуви, кадифе, тантела и богати нијанси на вино и зелена.

Кога фустанот станува уметничко дело
Зад раскошните креации се кријат стотици, а понекогаш и илјадници часови работа. Според The National, за еден црн сатенски капут од колекцијата есен 2026 биле потребни дури 2.500 часа рачна изработка, а за една венчерица со силуета на сирена – 600 часа работа. Токму во тоа се состои магијата на Зухаир Мурад. Неговата мода не е создадена само за да се облече, туку за да се доживее.
Бидејќи некои фустани ги носиме само една вечер, но ги паметиме цел живот.
Wedding Expo Skopje 2027 – 15 години љубов, стил и инспирација.