Elie Saab доаѓа во H&M: Црвениот тепих станува подостапен, а фустаните пристигнуваат на 22 октомври
Ова е една од оние модни вести што веднаш се ставаат во календар.
Elie Saab и H&M ја најавија својата прва голема заедничка колекција, која ќе биде пуштена во продажба на 22 октомври 2026 година, онлајн и во избрани продавници. За Saab ова е прва голема high-street соработка од ваков тип.
И ако очекувавте обични basic парчиња со познато име на етикетата – не.
Колекцијата е создадена токму во препознатливиот Elie Saab дух: гламур, тантела, светки, вечерни силуети и богати материјали, во палета во која доминираат црната, златната и смарагдно зелената боја.
55 парчиња – и не се само фустани
Колекцијата брои околу 55 парчиња и аксесоари и вклучува женска и машка облека, обувки и модни додатоци.
Меѓу највпечатливите парчиња се вечерни фустани со градирани светки, корсетирани модели, палта, плетени парчиња, сакоа и кожена јакна во чоколадна нијанса.
Иако ова е H&M, цените нема да бидат типично „H&M ниски“.
Според првите информации, европските цени ќе се движат приближно од 29,99 до 399 евра, зависно од парчето. 
„Никој не очекува basic парче од Elie Saab“
Токму тоа е и поентата на целата соработка.
Saab вели дека не сакал неговото име само да биде ставено на нешто едноставно, туку секое парче да има доволно карактер за веднаш да се препознае неговиот потпис.
Неговата мода со децении е поврзана со црвените теписи, couture фустаните и раскошните bridal креации, а негови модели носеле ѕвезди како Zendaya, Jennifer Lopez, Céline Dion и многу други.
И тука станува интересно за невестите
Иако Elie Saab x H&M не е bridal колекција, дел од белите, тантелести и вечерни модели лесно можат да бидат интересни и за граѓанска венчавка, pre-wedding вечера, after-party или втор bridal look.
А ако првите фотографии се показател, ова нема да биде колекција што ќе стои долго на закачалките.
22 октомври дефинитивно вреди да се запамети.