Мали Лошињ
Што кажува за вас местото каде летувате? Од Халкидики и Лефкада до Албанија и Турција – ќе се препознаете!
Каде одите на летување можеби открива многу повеќе за вас отколку што мислите. British Vogue направи духовита анализа на популарните летни дестинации за 2026 година, а ние решивме да ја префрлиме приказната на наш терен. Што кажува за вас ако секое лето сте на Халкидики, ако не се откажувате од Лефкада, ако ја откривте Албанија или ако за вас одмор без all inclusive – не е одмор?
Секако, ова не е научна анализа, туку летна забава со малку вистина, малку стереотипи и многу препознавање.
Халкидики – „Зошто да одам подалеку кога тука имам сè?“
Вие сте практичен човек.
Не сакате да потрошите два дена од одморот во патување и пресметување колку патарини сте поминале. Сакате море, добра плажа, фрапе, гиро и таверна навечер – и сето тоа да ви биде релативно блиску до дома.
На Халкидики најверојатно имате и „ваше место“.
Знаете која плажа има најдобри лежалки, каде гиро е навистина добро, во кој маркет водата е поевтина и во колку часот треба да тргнете за да не заглавите на Евзони.
И секоја година велите: „Следната година ќе смениме нешто“.
Па пак завршувате на Халкидики.
Лефкада – за вас обично море веќе не е доволно
Ако сте избрале Лефкада, не сакате само плажа.
Сакате она море што изгледа како некој да му ставил Instagram филтер.
Катизма, Милос, Егремни, Порто Кацики – вие сте подготвени да возите по кривини, да барате паркинг и да симнувате сто скали само затоа што долу ве чека фотографија за која сите ќе прашаат:
„Каде е ова?!“
Вие сте од оние луѓе што после Лефкада тешко признаваат дека некоја друга плажа е „убава“.
За вас има убаво море – и има Лефкада.
Парга и Сивота – сакате Грција, ама со малку повеќе романтика
Не сакате огромни хотели и километарски туристички комплекси.
Вам ви треба тесна уличка, таверна покрај море, мало пристаниште, прошетка навечер и маса од која буквално гледате во вода.
На одмор сакате да се чувствувате како да сте во филм.
Веројатно правите 37 фотографии од исто зајдисонце, а потоа една од нив ја ставате на Instagram со опис:
„Ништо повеќе не ми треба.“
И навистина го мислите тоа – барем додека не дојде сметката од ресторанот.
Тасос – вие сте од оние што велат: „Само да е мирно“
Не ви треба Миконос.
Не ви требаат клубови до пет часот наутро.
Вам ви треба ладна вода, сенка, добра таверна и да знаете дека утре не мора да правите ништо.
Најголемата возбуда на денот ви е прашањето:
„На која плажа ќе одиме денес?“
И токму затоа Тасос ви е совршен.
Албанија – „Јас ви кажував уште пред сите дека е добро“
Ако последните години одите во Ксамил, Саранда или некое од местата долж албанското крајбрежје, постои голема веројатност дека уживате да им кажувате на сите дека сте ја откриле дестинацијата „уште пред да стане хит“.
Имате најмалку една фотографија со вода што изгледа како Малдиви и задолжително објаснувате:
„Луѓе, ова ни е на неколку часа од дома.“
Кога некој ќе ви каже дека е прескапо, веднаш имате спремна анализа каде треба да се јаде, каде да се спие и на која плажа „не треба да одиш затоа што таму ги дерат туристите“.
Црна Гора – сакате море, ама и малку акција
Будва?
Вие не сте дошле само да лежите.
Сакате плажа преку ден, прошетка навечер, кафе после полноќ и идеално – некаде да има музика.
Ако сте во Котор, пак, веројатно сакате барем малку да изгледа како летувањето да ви е покултурно отколку што навистина е.
Една стара улица, една чаша вино и фотографија од заливот – и одморот е успешен.
Турција – за вас одмор значи да не мислите на ништо
Вие сте ја сфатиле суштината.
Не сакате секое утро да преговарате:
„Каде ќе јадеме?“
„Колку се лежалките?“
„Кој ќе оди до маркет?“
„Што ќе правиме вечер?“
Вие сакате една нараквица на рака и проблемите да престанат.
Појадок – има.
Ручек – има.
Вечера – има.
Пијалак – има.
Базен – има.
Плажа – има.
Детето сака сладолед во 16:37? И тоа има.
British Vogue во својата оригинална анализа се шегува дека all-inclusive одморот е крајната форма на туристичка мудрост – откако човек ќе помине доволно хаотични патувања, сфаќа колкава привилегија е некој друг да организира сè.
Грчки остров – вие не одите на одмор, вие создавате содржина
Ако секоја година барате нов грчки остров, постои голема шанса обично летување веќе да не ви е доволно.
Вие имате „искуства“.
Не сте јаделе гиро – сте „откриле мало автентично место“.
Не сте се возеле со брод – сте имале „незаборавно морско искуство“.
Не сте отишле на плажа – сте нашле „скриен бисер“.
Токму вака Vogue духовито ги опишува туристите на грчките острови: секој ресторан, излет и бродче лесно станува содржина за Instagram или TikTok, а понекогаш во целото фотографирање забораваме едноставно да уживаме.
Охрид – затоа што понекогаш најдобриот одмор е дома
„Што ќе одам толку далеку?“
Ова е вашата филозофија.
Наутро кафе покрај езеро, преку ден плажа, навечер чаршија.
Нема граница.
Нема патарини.
Нема проверување дали роамингот е вклучен.
А ако сте охриѓанец кој летува во Охрид – тогаш веројатно цел август повторувате:
„Ова веќе не се издржува од туристи.“
Миконос или Санторини – одморот мора малку да се гледа и на Instagram
Не мора да признаете.
Ние разбираме.
Ако сте платиле кафе колку ручек на друго место, логично е барем фотографијата да биде добра.
Вие сакате убав хотел, бела кошула, зајдисонце и онаа една фотографија која ќе изгледа како случајно да е направена, иако партнерот ве фотографирал 28 пати.
За вас одморот не е само одмор.
Тоа е естетика.
Кампување – „Не ми треба луксуз“
Вие гордо им кажувате на луѓето дека не ви треба хотел.
Сакате природа.
Сакате слобода.
Сакате море на три метри од шаторот.
Но, по третиот ден, кога е 36 степени, нема топла вода и некој во соседниот шатор ‘рчи цела ноќ, почнувате малку поинаку да гледате на оние што уплатиле хотел со клима.
А каде и да одите…
На крајот, дестинацијата навистина кажува нешто за нас.
Некој сака сигурност и оди секоја година на истото место. Друг сака секое лето нов остров. Трет сака луксуз и all inclusive, а четврти само маса покрај море, салата, риба и студено пиво.
British Vogue својата листа ја направи како духовит портрет на британските туристи – од Марсеј и Касис до Ибица, Лисабон и грчките острови.
Ние би рекле дека кај нас најточната поделба е многу поедноставна:
Постојат луѓе што секое лето бараат ново место – и луѓе кои 15 години одат во истото апартманче во Грција и веќе се чувствуваат како да е нивно.
А во која група сте вие?