„ДОАЃААТ КАЈ ХИРУРГ СО ФОТОГРАФИЈА ОД INSTAGRAM: Докторите предупредуваат – не можете да изгледате како филтер“

Социјалните мрежи сериозно го променија начинот на кој луѓето го доживуваат сопствениот изглед. Сè повеќе пациенти, особено млади, доаѓаат кај естетски хирурзи со конкретна фотографија од Instagram и барање да изгледаат токму така.

Но експертите предупредуваат дека естетската хирургија не е Instagram филтер и дека резултатите не можат едноставно да се „копираат“ од едно лице на друго.

Пластичниот хирург д-р Сашка Миниќ објаснува дека секој пациент има различна анатомија, пропорции, структура на лицето, кожа и ткиво, па затоа иста интервенција не може да даде идентичен резултат кај сите.

Дополнителен проблем е што фотографиите на социјалните мрежи често се обработени со филтри, ретуширање, светло и агли кои значително го менуваат вистинскиот изглед.

Токму затоа, една од најважните задачи на хирургот е да му објасни на пациентот што е реално возможно, а што не.

Според експертите, добриот лекар не треба по секоја цена да ја исполни желбата на пациентот, туку да процени дали интервенцијата навистина е потребна и дали очекувањата се реални.

Wedding Expo Skopje 2027 – јубилејно 15-то издание!

Посебно внимание се посветува и на младите пациенти кои понекогаш бараат промени инспирирани од трендови на TikTok и Instagram. Она што денес изгледа модерно, за неколку години може целосно да излезе од мода, додека резултатот од хируршка интервенција може да остане траен.

И опоравувањето често се потценува.

Некои пациенти очекуваат дека веднаш по естетска интервенција можат да се вратат на секојдневните активности или дури следниот ден да заминат на море. Во реалноста, зависно од зафатот, периодот на опоравување може да трае од една недела до еден месец, а конечниот резултат понекогаш се гледа дури по неколку месеци.

Токму затоа лекарите советуваат секоја одлука за естетска интервенција да биде внимателно разгледана, без брзање и без очекување дека хирургот може едноставно да преслика туѓо лице.

Филтерот исчезнува со еден клик. Хируршката интервенција – не.

About The Author