Светлана Црнокрак-Жана Атеље
„Кога почнавме да го правиме списокот на гости, сфатив дека на него има луѓе со кои не сум се видела со години.
Роднини што ги познавам само по име, пријатели на моите родители, луѓе што не би ги повикала ни на кафе. И тогаш си реков – доста.“
Вака ја започнува својата приказна една идна невеста од Скопје, која заедно со својот партнер одлучила свадбата да ја направи по свои правила.
„На почетокот мислев дека мора да поканам секого за никој да не се навреди. Кај нас секогаш има тоа: ‘тие нè викнаа нас’, ‘како ќе изгледа ако не ги поканиме’, ‘роднина ти е’, ‘пријател е на татко ти’. Но кога видов дека списокот оди кон 250 луѓе, а половина од нив реално не се дел од нашиот живот, сфатив дека нешто не е во ред.“
Таа и нејзиниот вереник решиле да го скратат списокот без многу објаснувања.
„Не ми беше важно кој ќе се налути. Звучи грубо, ама тоа е нашиот ден. Не сакав на сопствената свадба да одам од маса до маса и да се прашувам кој е човекот што ми честита.“
Од првичните 250 гости, на крајот останале околу 120.
„И знаете што? Одеднаш и целата свадба стана поинаква. Можевме да вложиме повеќе во храната, музиката, фотографијата и деталите што нас ни значат. А најважно – ќе бидат таму луѓето со кои навистина сакаме да го споделиме денот.“
„Најтешки беа родителите“
Најголемата битка, признава, не била со роднините туку со родителите.
„Мајка ми имаше список од свои гости. Неговите родители исто. Во еден момент им реков: ако сакате ваша свадба, направете си ја. Ова е нашата.“
По неколку расправии, семејствата сепак попуштиле.
„Сфатија дека времињата се менуваат. Денес свадбата е огромен трошок. Не можеш да додаваш по 50 луѓе само затоа што некој можеби ќе се навреди.“
Свадба од желба, а не од обврска
Сè повеќе млади парови размислуваат на сличен начин. Наместо огромни прослави со луѓе што едвај ги познаваат, избираат помали свадби, поинтимна атмосфера и повеќе внимание на самото доживување.
И тоа не мора да значи „мала свадба“. Некому 80 гости му се многу, на друг 180 му се блиски луѓе. Поентата е списокот да биде направен според односите, а не според чувството на долг.
„Кога некој ќе ме праша зошто не сме го поканиле, одговорот е едноставен – затоа што не сме блиски. Не мислам дека треба да се извинам за тоа.“
Организацијата почнува многу порано од изборот на ресторан
Токму ваквите дилеми – бројот на гости, буџетот, рестораните, музиката, фотографите, венчаниците и сите детали што го прават свадбениот ден – се причината зошто идните младенци сè повеќе сакаат на едно место да ги видат сите опции пред да донесат одлука.
Во Скопје од 19 до 21 февруари 2027 година ќе се одржи 15. јубилејно издание на Wedding Expo, настан кој традиционално ги собира компаниите и професионалците од свадбената индустрија на едно место.
За паровите кои допрва ја започнуваат организацијата, ваков настан може да биде добар начин во еден викенд да споредат повеќе понуди, да добијат идеи и, можеби најважно, да сфатат каква свадба навистина сакаат тие – а не каква очекуваат другите.
„На крајот сфатив нешто многу едноставно“, вели невестата.
„Кога ќе помине свадбата, луѓето ќе зборуваат два дена. Ние ќе ги паметиме тие моменти цел живот. Затоа решивме да не ја правиме свадбата за да не налутиме некого. Ја правиме затоа што сакаме да се венчаме и тој ден да бидеме опкружени со луѓето што навистина ни значат.“