До продавница, на кафе, на работа, па дури и до контејнерот пред зграда. За некои жени излегувањето без шминка е сосема нормално, но за други претставува вистински предизвик. Што се крие зад потребата секогаш да изгледаат средено и зошто сопственото лице во огледалото понекогаш им изгледа туѓо кога немаат шминка?
„Чекај само пет минути да се нашминкам!“ Реченица која многу мажи ја слушнале, а многу жени ја изговориле.
Шминката одамна е дел од секојдневието. За една жена е задоволство, за друга начин да го истакне својот стил, а за трета нешто без кое не се чувствува доволно сигурно за да излезе меѓу луѓе.
И токму тука започнува интересниот психолошки дел од приказната.
Кога огледалото станува построг критичар од околината
Жената која секојдневно се гледа со пудра, маскара, руменило и кармин постепено се навикнува на таа верзија од сопственото лице.
Кога ќе ја отстрани шминката, може да ѝ се чини дека изгледа уморно, бледо или помалку привлечно.
Но дали навистина изгледа така или едноставно се навикнала на поинаква слика за себе?
Истражување објавено во научното списание „Archives of Sexual Behavior“ покажува дека шминката може да влијае врз начинот на кој жените ја проценуваат сопствената привлечност.
Тоа помага да се разбере зошто за некои жени шминкањето има значително поголема психолошка улога од обичното разубавување.
„Што ќе помислат другите ако ме видат ваква?“
Стравот од туѓото мислење е уште една причина за несигурноста.
Подочниците, акните, брчките и нерамномерниот тен се сосема природни карактеристики на кожата. Но секојдневната изложеност на фотографии со совршени лица може да создаде впечаток дека тие треба да се сокријат.
Особено ако жената некогаш слушнала коментар од типот: „Леле, што ти е, да не си болна?“ само затоа што тој ден не ставила маскара.
Таквите забелешки, дури и кога се кажани без лоша намера, можат да ја зацврстат несигурноста.
УБАВИНАТА ИМА СВОЈ ДАТУМ: Beauty Expo Skopje 2027 најавува три дена гламур, трендови и инспирација!
Инстаграм ни го промени огледалото
Филтрите на социјалните мрежи дополнително ги поместуваат стандардите за убавина.
На фотографиите кожата е мазна, усните се пополни, а очите поголеми. Дури и кога знаеме дека фотографијата е обработена, споредувањето со неа може да влијае врз сопствената слика.
Истражување од 2024 година, објавено во списанието „Computers in Human Behavior“, покажало дека изложеноста на филтри кои го разубавуваат лицето може да го намали задоволството од сопствениот изглед кај млади жени.
Со други зборови, понекогаш проблемот не е во лицето што го гледаме во огледалото, туку во фотографиите со кои несвесно го споредуваме.
Шминката навистина може да ја зголеми самодовербата
И тука доаѓа другата страна на приказната.
Шминкањето може да биде пријатен ритуал, начин на опуштање, креативно изразување и подготовка за новиот ден.
Истражувањата покажуваат дека кај дел од жените користењето шминка навистина придонесува за попозитивно доживување на сопствениот изглед.
И во тоа нема ништо погрешно.
Прашањето е дали жената става кармин затоа што сака или затоа што се плаши некој да не ја види без него.
Може ли да се врати сигурноста во природниот изглед?
Психолозите советуваат постепено прифаќање на сопствениот изглед, без создавање дополнителен притисок.
За почеток, тоа може да биде кратка прошетка без шминка, одење на кафе со блиски пријатели или едноставно поминување повеќе време пред огледалото без потреба нешто да се прикрие.
Корисно е и да се намали следењето профили кои постојано промовираат недостижни стандарди за убавина.
Целта не е откажување од козметиката, туку ослободување од чувството дека сопственото лице мора секогаш да биде поправено.
Зашто шминката најубаво стои кога е избор, а не услов за самодоверба.
И можеби најважното прашање што една жена може да си го постави пред огледалото е многу едноставно:
„Дали се шминкам затоа што сакам да изгледам поинаку или затоа што се плашам другите да ме видат онаква каква што сум?“